Фото: МИА

Разговорите со Бугарија за политичките прашања од наша страна се водат во духот на европските вредности, при што за идентитетските прашања на македонскиот народ не се разговара, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека ние сме македонски народ кој зборува македонски јазик, што е запишано во нашиот Устав. Република Бугарија, вели Ковачевски, е прва држава која ја има признаено нашата држава како таква.

– Во однос на другите прашања кои се разговараат, нормално кога ќе има напредок и кога ќе се дојде до решение кое е прифатливо тоа ќе се сподели со јавноста, но и со институциите коишто ќе бидат задолжени за одобрување на едно такво решение – рече Ковачевски во интервју за телевизија „Сител“, нагласувајќи дека сите разговори кои се водат со Бугарија најтранспарентно се споделуваат со јавноста.

Прашан дали декларацијата за Гоце Делчев предложена од опозицијата ќе штети на овој процес, Ковачевски нагласи дека неговото дело не треба да биде предмет на декларации.

– Гоце Делчев основополжник на македонската национална борба. Неговите идеали од 1900-те години се реализирани со независна македонска држава во која ние денес живееме, која е членка на НАТО и која е на чекор од отпочнување на преговори и одржување на прва Меѓувладина седница со ЕУ. Тој е дел од нашата химна, неговите мошти се наоѓаат во Скопје – рече Ковачевски.

Декларацијата, според него, е направена само од политикантски и дневнополитички причини за да може опозицијата да има тема со која „ќе ги попречува разговорите“. Додава дека таа декларација не била поддржана од ниту една партија во Парламентот.

– Доколку ја погледнете во суштина таа декларација, таа прави само одбележување, некаква форма на одбележување која е работа на институтот за национална историја. Втора работа, таа е направена само од политикантски и и дневнополитички причини да може опозицијата да има тема за која ќе разговара, тема со која ќе ги попречува разговорите и тема со која ќе креира атмосфера на недоверба како што ја имавме во годината што измина. Видовме дека таа декларација ниту една партија во парламентот не ја поддржа, порача Ковачевски.

Тој додаде дека во последниот период преку работните групи помеѓу двете влади на Македонија и Бугарија, и другите институции од реалниот сектор, се гради атмосфера на доверба меѓу двете држави и меѓу граѓаните на двете држави.


Mерките за задржување на ценовната стабилност ќе бидат соопштени по направените анализи

Регулирањето на цената на увозните производи се однесува и на цените на горивата. Најпрвин ќе бидат направени анализи, а потоа ќе се соопштат мерките и идните планови за задржување на ценовната стабилност на максимално можно ниво, но и задржување на стандардот на граѓаните, рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за телевизја „Сител“, прашан дали Владата планира одредени мерки во врска со зголемувањето на цените на горивата.

Премиерот посочи дека зголемување на цените има и во останатите држави поради актуелната ситуација со пандемијата, но потсети дека Владата ги замрзна цените на основните прехранбени продукти, со што се спречи нивното зголемување.

– Доколку не беа тие мерки, тогаш зголемувањето на цените ќе беше многу поголемо. Затоа се пристапи кон замрзнување на цените на основните прехранбени продукти наведени во листата на Министерството за економија согласно одлуката на Владата. Цените можат да се регулираат на повеќе начини. Има и директно замрзнување, но во тој случај треба да се видат реакциите и мислењето и на стопанските субјекти кои работат во производство на тие продукти и во увоз со оглед на то дека дел се од домашно производство, а дел се од увоз – рече премиерот.

Тој напомена дека ќе се разговара и ќе се првата анализи, посочувајќи дека постојат и други методологии во однос на регулирање на цените и спречување на нивно зголемување.

– Постојат и други методологии кои се на располагање во однос на регулирање на цени и спречување на нивно зголемување. Тоа може да се направи и преку интервенција на увозните маржи. Министерството за економија веќе има задача тоа да го направи, тие ќе почнат разговори и со производителите и со увозниците, за да може на крајот на февруари да имаме нови мерки кои ќе спречат големо зголемување на цените – додаде Ковачевски.

Во однос на пензиите, премиерот посочи дека Владата работи на нова метдологија за покачување на пензиите, но и за дополнителна финасиска помош со цел надминување на последиците од енергетската криза. Тој нагласи дека зголемувањето на пензиите и пакетот мерки ќе бидат донесени преку дијалог со сите засегнати страни.

– Ќе се работи на анализи и на нова методологија на усогласување на пензиите така како што има одредени предлози на асоцијациите на пензионери. И дополнително со оглед на тоа што се наоаѓаме во енергетска криза која што најмногу ги погаѓа најранливите ние веќе работиме и на анализа на дополнителна финансиска помош на пензионерите во време на криза, а нивото на поддршка, ќе го дадат анализите. Оние кои се најранливи, кои имаат најниски пензии, помошта ќе биде поголема и како што се зголемува нивото на пензиите така ќе биде нивелирана на пониско ниво за да можеме да го заштитиме животниот стандард на пензионерите – порача Ковачевски.

Осврнувајќи се на предлог законот за зголемување на пензиите, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Ковачевски оцени дека тоа е паушален предлог кој не се базира на никакви анализи.

– Законот којшто ВМРО-ДПММЕ го поднесе, сметам дека е паушален, не знам дали е извадено од глава или од шешир тоа што го предлагаат бидејќи тоа не се базира на никакви анализи. Јас познавам многу еминентни економисти во опозицијата и не верувам дека тие тоа го предложиле, веројатно во некоја пиар-служба го предложиле тоа решение – истакна Ковачевски.

Премиерот посочи и дека во изминатите неколку години Фондот на ПИОМ е консолидиран и денес, ПИОМ дури и во време на криза, врши предвремена исплата неколку денови однапред за конкретниот месец.


Средба со Мицкоски кога ќе има теми за разговор

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва изјави дека ќе има средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тогаш кога ќе има теми за кои ќе треба да се разговара.

– Средбите со политичките партии се нормални и кога ќе има теми за кои ќе треба да се разговара тогаш нормално тие ќе се случат и кога ќе се случат јавноста ќе биде информирана. Сигурно има теми, но кога ќе се случи таква средба ќе биде информирана јавноста – рече Ковачевски во интервју за „Сител“.