Со новиот концепт, на земјите од ЕУ, како и на земјите-кандидатки, ќе им биде јасно во која лига припаѓаат - Фото: ЕПА

Од Елисејската палата нови идеи за прекројување на ЕУ

Мошне симптоматична забелешка, добиена како резултат од македонското евроинтегративно искуство, е таа дека „кога францускиот претседател јавно ги искажува своите визии за реформи во Европската Унија, тие почнуваат експериментално да се спроведуваат токму врз Македонија“. Реформските „визии на францускиот претседател“ за Унијата не одат во прилог за европска веродостојност дека токму сега Брисел ќе ги исполни ветувањата спрема Македонија

Францускиот претседател Емануел Макрон, на годишниот состанок во Париз со неговите амбасадори, всушност испрати пораки и до Европската Унија и до земјите-кандидати со долгогодишни аспирации за членство во ЕУ. Макрон сугерира дека блокот, всушност ЕУ, „треба да биде храбар за да најде начини за интегрирање на земјите кандидати, меѓу кои се Молдавија и Украина“, но тоа да не биде на досегашниот начин – со полноправно членство.
Макрон вели дека ЕУ треба да се реформира ако сака да интегрира нови нации.
Францускиот претседател уште еднаш изрази доследност на својата „визија“ за ЕУ искажана уште пред неколку години дека Унијата „можеби“ треба да еволуира кон унија со „повеќе брзини“, додека размислува за интегрирање на Украина, Молдавија и на земјите од Западен Балкан. Според Макрон, ЕУ треба да се реформира ако сака да интегрира нови нации и мора да изгради консензус со повеќе од 30 земји-членки.
– Ризик е да мислиме дека можеме да се прошириме без реформи. Можам да посведочам дека на Европа ѝ е доволно тешко да напредува на чувствителни теми со 27 членки. Со 32 или 35 члена, нема да биде полесно… Ќе ни треба смелост да прифатиме поголема интеграција во некои области, а можеби дури и Европа со повеќе брзини – изјавил Макрон на годишниот собир на француските амбасадори во Париз.
Францускиот претседател не елаборирал како ќе функционира оваа Европа со повеќе брзини, но додал дека е неопходна ревизија на процедурите на ЕУ за блокот да ја продлабочи и да ја задржи „својата привлечност“.

Експериментот на Макрон, експерименталните глувчиња од Македонија

Мошне симптоматична забелешка, добиена од македонското евроинтегративно искуство, е таа дека кога францускиот претседател јавно ги искажува своите визии за реформи во Европската Унија, тие почнуваат „експериментално“ да се спроведуваат токму врз Македонија. Пред усвојувањето на уставните измени, за имплементација на Преспанскиот договор, Макрон во 2018 година упати видеопорака, со која побара да успее референдумот за Македонија да почне преговори со ЕУ. Но веќе наредната година, кога (иако со голем број недемократски контроверзии) беше спроведено барањето (и на Макрон) за промена на името на државата во согласност со Преспанскиот договор со Грција, токму Франција стави вето за почетокот на македонските преговори со ЕУ, користејќи го аргументот за воведување нова методологија за преговори, како дел од реформските визии за Унијата. И во понатамошните блокади за Македонија во ЕУ, Франција има (не)видлива улога и во нивното поставување и решавање. Актуелно, Македонија е поставена пред предизвикот на т.н. француски предлог за преговарачката рамка на ЕУ, со вграден услов за внесување на Бугарите како „дел од народ“ во македонскиот устав. Процесот на „убедување“ на македонската јавност за исполнување на „уште овој“ услов за отворање на кластерите во преговарачкиот процес со ЕУ е во тек, но реформските визии за Унијата на францускиот претседател не одат во прилог на европската веродостојност дека сега ќе ги исполни ветувањата спрема Македонија.

Ниту другите европски лидери не веруваат во веродостојноста на Унијата

Макрон, исто така, навести дека ќе ги објасни своите размислувања за проширувањето и реформите на ЕУ во месеците што доаѓаат и пред изборите за ЕУ следната година. Покрај Западен Балкан, и Украина и Молдавија добија статус на кандидат за ЕУ во јуни, а неколку земји-членки бараат ЕУ да ги отвори преговорите со овие две земји до декември. Таквото форсирање на Украина и Молдавија создава дополнителна недоверба и фрустрација кај земјите од Западен Балкан. Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека не верува оти неговата земја ќе стане членка на Европската Унија до 2030 година. На Бледскиот стратегиски форум, тој побара од ЕУ да не држи само предавања, туку да дава континуирана поддршка, не само финансиски, туку и во однос на пристапот на регионот до заедничкиот европски пазар.
– Она што се случува сите овие години во овие земји е дека од една страна преку Берлинскиот процес зборувавме за инфраструктурата и начинот на финансирање проекти, а од друга страна инфраструктурата ја градат Американци, Кинези и Арапи – рече Рама, нагласувајќи го цинизмот на евробирократијата, но и на европското лидерство.

Дури и премиерот на Хрватска (земја што е последна примена во ЕУ пред десетина години), Андреј Пленковиќ, на истиот форум истакна дека непринципиелноста на Унијата и тоа што ѝ го прави на Македонија е неправедно, потенцирајќи дека „единствениот пат, кога станува збор за проширувањето на ЕУ е елиминирање на билатералните прашања“.
– Сите билатерални прашања што формално и правно не се поврзани со законодавството на ЕУ треба да бидат елиминирани од процесот за членство. Тоа е единствениот пат напред и зборувам од искуство. Примерот со Македонија е симболичен. Чекаа 15 години да го решат спорот со Грција и откако го решија, сега имаме друг спор. Ова не е фер и со ова се нарушува имиџот на ЕУ, а тоа го кажувам јавно со години и ќе продолжам да го кажувам – изјави во Блед хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.