Фото: Архива

Француската државна секретарка за Европа, Лоренс Бун, во обид да даде доза оптимизам на ригидниот став на својот претседател

Француската државна секретарка за Европа, Лоренс Бун, од Блед се обиде да ја појасни пораката што претходно ја испрати францускиот претседател Емануел Макрон. Таа се обиде да додаде нишка надеж на ставот на својот претседател Макрон дека „се потребни реформи на Унијата, но тоа воопшто не значи дека вратите се затворени за проширување“.
– Ние сме 27, може да бидеме и над 35 (земји-членки), со надеж што побрзо. Знам дека Шарл Мишел рече до 2030 година, може да биде дури и побрзо. Но, потребно е да се реформираме себеси и земјите-кандидати исто така да се реформираат себеси – рече Лоренс Бун.

Франција важи за земја што и досега во повеќе наврати го ставала на тапет европското проширување, предлагала нови и изменети модели и принципи, а особено се истакна со својот предлог за Македонија, каде што ги внесе билатералните прашања како услов за евроинтеграции. Во оваа пригода француската државна секретарка Бун изјави дека постои прозорец на можности за земјите-кандидати, пред сѐ, поради актуелниот состав на Европскиот парламент, за кој оцени дека е наклонет кон проширувањето. Но, сето тоа, според познавачите, „изгледа како блеф, сеење магла или маскирање на реалноста“, со оглед на престојните европски избори и промена на составот на Европскиот парламент во јуни 2024 година.
– Постои голем прозорец на можности. Имаме поволен Европски парламент. Тоа можеби нема да биде така по европските избори во јуни. Треба да го имаме предвид тоа. Имаме геополитичка средина што прави притисок врз сите и мислам дека има единство. Можеби имаме разлики, но секогаш сме успевале да го задржиме тоа единство и треба да го искористиме тоа сега, пред да се променат работите – изјави Лоренс Бун. П.Р.