Фото: Игор Бансколиев

Евентуалниот неуспех на уставните измени, всушност, го делегитимира и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија

Местото на Договорот за соработка и пријателство со Бугарија не му е во преговарачката рамка, туку многу повеќе во историјата! Зошто? Експертите тврдат дека „неуспешни уставни измени, всушност, апсолутно значат делегитимирање на тој Договор за соработка и пријателство“. Токму тој договор што поскоро треба да се напушти, бидејќи од него потекнаа сите недоразбирања во односите меѓу Македонија и Бугарија, кои сега се на најниското можно ниво, без индиции за скоро затоплување. Во една таква констелација, најдоброто излезно решение би било Македонија да почне да преговара со ЕУ според европски критериуми, а да разговара со Бугарија за постигнување нов договор врз основа на рамноправност, договор што ќе ги зближува, а нема да ги оддалечува двете држави и двата народа

Изминаа десетте дена предвидени за собраниска дебата поврзана со уставните измени, а откако собранискиот спикер, спротивно на Деловникот, ја прекина седницата на 18 август без да дозволи гласање, тој остави простор „да се брка“ двотретинско мнозинство до последен момент, без оглед што пораката од народот е јасна, дека сака преговори со ЕУ според европски, а не бугарски критериуми.
Она што во овој момент е извесно е дека кај мнозинството македонски граѓани и натаму нема никакво расположение да се прифатат уставните измени и да се внесат Бугарите во Уставот, имајќи го предвид односот на официјална Софија кон македонскиот народ, јазик и историја.
По логиката на нештата произлегува дека доколку не се изгласаат уставните измени во наредниот период, тогаш Договорот за пријателство и соработка меѓу двете земји потпишан во 2017 година целосно го губи легитимитетот и не треба да произведува никакви идни обврски кон страните потписнички, а со тоа треба да биде исфрлен и од преговарачката рамка на земјава со ЕУ како некомпатибилен со европските норми и стандарди.

Сите договори се потпишуваат во името на граѓаните и само за нив!

Меѓународноправната практика е јасна кога станува збор за почитувањето на обврските од страна на потписниците на секој договор. Имено, сите меѓународни договори треба да се потпишуваат во име на граѓаните (односно нацијата), поточно во име на субјектот што е носител на државноста и во интерес на остварување на повисоките државни цели. Тоа е така за да може да постојат гаранции за нивно исполнување и почитување. Кога некој потпишува договор спротивно на народната волја, тогаш се соочува со неуспех на домашен терен да ги протурка обврските што ги презел пред другата страна. Договор постигнат без одобрување на народот, едноставно го нема народниот легитимитет и општеството не го прифаќа, се противи, бојкотира и наоѓа редица начини како да го опструира она што е донесено спротивно на народната волја. Таков договор нема легитимитет бидејќи насилното форсирање документ што не ужива поддршка од народот, уште повеќе ги зголемува антагонизмот и отпорот кон оној што инсистира на спроведување на таквиот асиметричен договор.

Сличен отпор се наметна и кон таканаречениот „француски предлог“ зад кој застана францускиот претседател Емануел Макрон, човекот што прв ја спушти рампата за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ по надминувањето на спорот за името со Грција. Народот во истиот тој „француски предлог“ ги препозна сите бугарски барања завиткани во една земи или остави „француска обланда“, зацементирани со вметнувањето на Договорот за пријателство и соработка во преговарачката рамка на земјава, без оглед што станува збор за билатерален договор што нема никаква врска со пристапните преговори, не содржи ниту една европска вредност, целосно е надвор од Копенхашките критериуми и наметнува исклучиво решавање билатерални прашања со соседна земја, членка на ЕУ.

Народот го препозна тоа уште пред една година и натаму со индигнација го отфрла францускиот предлог, исто онака како што не го прифаќа ниту Договорот за пријателство и соработка со Бугарија шест години подоцна, барајќи фер третман од ЕУ, односно нормални преговори, кои подразбираат исполнување на европските критериуми, а не исполнување на некакви билатерални протоколи.

Поради ваквиот ултимативен пристап на меѓународниот фактор, процесот на уставни измени вака како што сега се турка, едноставно е невозможен бидејќи е целосно спротивен на она што Европа го бараше како услов за зачленување на секоја земја – владеење на правото, борба со корупцијата, човекови права и слично.

Потребен е вистински договор за пријателство и соработка врз рамноправна основа

Од тие причини, местото на Договорот за соработка и пријателство со Бугарија не му е во преговарачката рамка, туку многу повеќе во историјата, бидејќи неуспешни уставни измени значат делегитимирање на еден договор, кој што поскоро треба да се напушти бидејќи од него потекнаа сите недоразбирања во односите меѓу Македонија и Бугарија, кои сега се на најниското можно ниво, без индиции за скоро затоплување. Во една таква констелација, најдоброто излезно решение би било Македонија да почне да преговара со ЕУ според европски критериуми, а да разговара со Бугарија за постигнување нов договор врз основа на рамноправност, договор што ќе ги зближува, а нема да ги оддалечува двете држави и двата народа.

Поранешниот дипломат Драган Јањатов се согласува дека ако не поминат уставните измени и Договорот за пријателство и соработка, како и самиот „француски предлог“, губат секаков легитимитет, но смета дека од овие исклучително поволни договори за бугарската страна официјална Софија нема намера да се откаже и ќе продолжи да инсистира на нив.
– Бугарскиот премиер Денков кажа јасно дека Бугарија нема намера да отстапи ниту педа од она што е договорено. ЕУ не ги притиска, а на Брисел му одговара лимбо-ситуацијата. Бугарија со Договорот за пријателство и со „францускиот предлог“ го доби она што го сакаше во Сан Стефано. Сепак, нашиот народ сфаќа дека е штета да си ги загуби идентитетот, државноста, да си ги поништи половина век и повеќе историја, Народноослободителната борба и сето тоа да го стави под нозе за некакви европски приоритети. Кои се тие европски приоритети, ние не ги гледаме, не може тоа да се бугарските барања вметнати и во Договорот за пријателство и соработка, а потврдени во „францускиот предлог“. Нашиот народ сето тоа го препозна и уште одамна го делегитимира – истакнува Јањатов.

Познавачите на меѓународното право се категорични дека секој договор што е потпишан без согласност на народот на некој начин е нелегален.
– Таков договор никогаш нема да заживее и нема да биде прифатен од граѓаните. Договорот за пријателство и соработка беше потпишан во 2017 година, пред шест години, и наместо сега односите меѓу двете земји да се подобрени, тие се најлоши. Тоа говори дека договорот уште во почетокот бил накриво насаден, има фалинка, не бил прифатен од општеството и затоа сега се случува ова што се случува со уставните измени. Народот не сака кога не е прашан за работи што се клучни за иднината на државата. Тој народ им го дава легитимитетот на политичарите и тие треба да го слушаат, а не откако ќе стапат на функција да се дистанцираат од гласачите и да носат одлуки на своја рака, или што е уште полошо, да одлучуваат по диктат од странски центри. Се виде изминатава година, целосно се делегитимирани и Договорот со Бугарија и „францускиот предлог“. Ако ЕУ толку ја сака Македонија како што тврдат европските челници, тогаш нека дозволи земјава да преговара според европските критериуми, а не според исполнувањето на точките од Договорот со Бугарија – констатираат соговорниците.