Фото: МИА

Државниот пазарен инспекторат им укажува на сите работодавци дека во согласност со заклучокот на техничката Влада деновите на изборите – 24 април (среда) и 8 мај (среда) – се неработни за сите граѓани.

– Работодавците во наведените денови не треба да извршуваат дејност со исклучок на оние кај кои работните процеси поради својата природа не може да се прекинат – порачаа од Инспекторатот.

За наведените денови, Државниот пазарен инспекторат ќе воведе дежурства и преку државните пазарни инспектори ќе контролира дали заклучокот на техничката Влада се почитува од страна на работодавците.


ССК: Кога ќе прогласите неработен ден в среда, негативно сте ја решиле цела недела

Бизнисот не бил консултиран за владината одлука – приватните компании да не работат утре и на 8 мај, за време на претседателските и парламентарните избори. Според Сојузот на стопански комори (ССК), тоа што среда е неработен ден, негативно се одразува и врз останатите четири дена во неделата.

– Со нас, конкретно, за оваа одлука никој нема разговарано. Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела, и понеделникот и вторникот се релативно неефикасни, како и четвртокот и петокот. Навистина, многу непријатна ситуација. Ова не е наша одлука, политичарите ги носат тие одлуки за изборните датуми кои им се потребни за да добијат излезност – рече денеска претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на тркалезната маса „Одржлива иднина со зелени иновации, практична примена во компаниите“.