Европската политичка заедница е добра идеја

Албанскиот премиер Еди Рама и холандскиот премиер Марк Руте со заеднички став за поддршка на ЕПЗ

Конечно треба да разговараме и за тоа како да се подобри внатрешната европска трговија. Ни треба цврста рамка за економски раст и социјална конвергенција за сите делови на Европа. Од клучно значење е да ги поддржиме иницијативите за регионална и за подрегионална економска соработка и да инвестираме во регионалното транспортно и трговско поврзување. EПЗ ни дава критична можност да се соочиме со нашите заеднички предизвици директно

Автори: Еди Рама и Марк Руте

Кога Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари, Европа одеднаш се разбуди сфаќајќи дека мирот на континентот не е загарантиран. Оваа невидена и неоправдана војна е напад врз меѓународниот правен поредок и како таква претставува закана за нашата сопствена слобода и безбедност.
Со оваа војна, рускиот претседател Владимир Путин се надеваше дека ќе сее поделба меѓу земјите од Европа, но всушност го постигна спротивното. Ние сме обединети, не само членките на Европската Унија (ЕУ) туку и сите европски земји.

Ќе направиме сè што е во наша моќ за да ѝ помогнеме на Украина да го врати својот целосен суверенитет и територијален интегритет и ќе ја поддржиме нејзината повторна изградба. Но факт е дека неиспровоцираната агресија на Русија, исто така, нè принудува сите да преиспитаме некои основи за овој континент што сите го споделуваме и како најдобро да ги заштитиме нашата демократија и заедничките вредности. Потребата од силен, тековен и обединет европски одговор е очигледна.

Затоа целосно го поддржуваме предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за европска политичка заедница (ЕПЗ). ЕПЗ треба да биде место каде што сите демократски европски земји ќе можат да разговараат за заедничките грижи и предизвици и да осмислат решенија. Таа не треба да се води од бирократијата, туку од флексибилноста. Не треба да се води од фиксни агенди, туку од приоритети што нè засегаат сите нас, вклучувајќи ги војната во Украина, енергетската зависност и безбедноста на храната.

Потребна ни е платформа што нема да се поклопува со силните регионални организации што веќе ги имаме во Европа или да го замени добро структурираниот процес на пристапување во ЕУ за земјите-кандидати. ЕПЗ треба да биде работен простор каде што ќе можеме да се среќаваме и да работиме, без разлика дали сме членка на ЕУ или не. Со нетрпение ја дочекавме нашата прва средба во прекрасниот град Прага на 6 октомври. И ние силно веруваме дека постои важна и амбициозна агенда за дискусија уште од самиот почеток.

Како прво, гледаме голем потенцијал за проширување и интегрирање на енергетските и на транспортните мрежи на нашиот континент. Во EПЗ можеме да разговараме за тоа како да работиме кон меѓусебно поврзан и климатски неутрален енергетски систем во Европа. Давањето приоритет на инвестициите во европското производство на енергија дополнително ќе помогне да се обезбеди целосна независност од рускиот извоз на енергија, додека сите европски земји, се разбира, треба да работат на справување со порастот на цените на енергијата на краток рок.

Во исто време, климатската криза останува еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме. Ова можеме да го гледаме секој ден низ нашиот континент. Како такви, ние мора да се координираме, вклучувајќи и да ја унапредиме амбицијата изразена на КОП26 во Глазгов за финансирање на климатската адаптација на земјите во развој.
Друг голем предизвик е сајбер-безбедноста. Сите наши земји се соочуваат со сајбер-закани и ние треба да ја зголемиме нашата колективна отпорност во сајбер-просторот, работејќи заедно за да ги обезбедиме нашите институции и мрежи.

Надвор од овие предизвици, ние мора да инвестираме и во позитивна агенда за нашата заедничка иднина. Прво и основно, ова значи инвестирање во нашата младина. Затоа, треба да разговараме за паневропското високо образование, капацитетите за истражување и иновации, конкурентноста и одржливоста и тоа мора да го направиме порано отколку подоцна. Мораме да продолжиме да промовираме размена во која се вклучени млади луѓе и соработка меѓу универзитетите и можеме да го користиме ЕПЗ за споделување на најдобрите практики во оваа област.

Конечно, треба да разговараме и за тоа како да се подобри внатрешната европската трговија. Ни треба цврста рамка за економски раст и социјална конвергенција за сите делови на Европа. Од клучно значење е да ги поддржиме иницијативите за регионална и за подрегионална економска соработка и да инвестираме во регионалното транспортно и трговско поврзување.

EПЗ ни дава критична можност да се соочиме со нашите заеднички предизвици директно. Европа мора сама да ја креира својата иднина, а единствениот начин да го стори тоа е со меѓусебна соработка како демократските членови на европското семејство. Заедничката работа нè прави посилни, побезбедни и попросперитетни. Значи, во Прага, да основаме форум што е инклузивен и ефективен.
Може да сметате на нас за да помогнеме да се постигне ова.