Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во изминатите години беа разоткриени големи корупциски скандали во кои беа вмешани и имињата на високи државници од Германија, Франција, Италија… Во исто време, во извештаите на Европската Унија за напредокот на балканските земји постојано се забележува недоволната ефикасност во борбата против корупцијата. Но очигледен факт е дека во контекст на феноменот корупција, бриселската администрација замижува пред видливата корупција кај некои свои  членки и нема иста матрица за третман и осуда за оваа појава во Унијата во споредба со Балканот. Сето ова е потврда на веќе практикуваната политика на Европската Унија за применување различни стандарди за идентични општествени појави кога станува збор за перципирање на состојбите во земјите од Западен Балкан или на другите земји од нашиот регион, кои се понапред веќе примени во европското семејство

Бриселската администрација замижува пред (не)видливата корупција кај некои свои членки

Земјите од Западен Балкан, низ западноевропската диоптрија, се идентификуваат како регион во кој владее висока корупција. Кај некои европски дипломати преовладува перцепцијата дека корупцијата претставува „балканско“ наследство, поради тоа што овие земји во минатото поминале низ недемократски државни системи! Иако корупцијата во денешното современо општество станува глобален проблем, во извештаите на Европската Унија за напредокот на балканските земји постојано се забележува недоволната ефикасност во борбата против корупцијата. Притоа, бриселската администрација замижува пред видливата корупција кај некои членки од нашето поблиско опкружување. Згора на ова, во изминатите години беа разоткриени големи корупциски скандали во кои беа вмешани и имињата на високи државници од Германија, Франција, Италија… Сето ова е потврда на веќе воспоставената политика на Европската Унија за применување на двојните стандарди кога станува збор за перципирање на состојбите во земјите од Западен Балкан или на другите земји од регионот, кои се понапред примени во европското семејство.
Во изминатите години корупцискиот билтен во кој биле вмешани и претставници од пониското и повисокото ниво на бриселските бирократија станува сѐ подолг. Антикорупциската агенција на Европската Унија (ОЛАФ) во годишниот извештај за 2020 година ја истакнува својата улога во периoдот на пандемијата, но и покрај ограниченото движење во наведената година, се отворени 290 истраги, од кои се завршени 230. Притоа се издадени 375 препораки за поврат на речиси 294 милиони евра. Како покарактеристични се случаите за измама и извлекување и перење пари од италијански државјани што користеле средства од земјоделските фондови на ЕУ во Романија. Во истрагата, ОЛАФ откри комплексна и софистицирана шема за користење фалсификувани документи, како што се лажни договори за закуп склучени со земјоделци. Измамниците со лажни фактури за откуп на семки од домати успеале да извлечат 850.000 евра од европските фондови. Најчестите форми на измама се однесуваат на избегнување на плаќањето давачки или даноци. Од повеќето предмети во 2020 година, се издвојува истрагата за лажен увоз на органска трска за производство на шеќер. Од поголемите истраги е откривањето незаконска исплата на околу 1,6 милион евра, кои им биле исплатени на 45 вработени во Европската инвестициска банка, по основа на семејни додатоци.
Поранешниот министер за внатрешни работи во Македонија и пратеник Павле Трајанов не се согласува со тврдењата дека корупцијата првенствено потекнува од земјите со „недемократски“ системи.

– Првите форми на организиран криминал, кој носи и висока корупција, се појавиле во западните земји. Дури и ако се прават некакви споредби со времето од комунизмот, криминалот и разните облици на корупција во источните земји во Европа биле многу пониски. Во времето на комунизмот имаше инцидентни случаи на ситен шверц и мито што се одвиваа од некои лица што можеа да патуваат во странство. Тешките форми на организиран криминал и корупција беа развиени во Франција, Англија, Италија… За жал, по транзицијата, земјите од регионот не успеаја да формираат ефикасни системи за спречувањето на корупцијата, која е особено изразена во другите земји од регионот. И во нашата земја сѐ уште е присутен силен отпор за формирање една агенција, како што предлагавме да се формира ДЕКРИ, која ќе биде независна во своето дејствување. Сегашните постојни институции се неефикасни и партизирани – ни изјави Трајанов.
Пред десетина години, Европската Унија беше потресена од скандалот што го објави еден британски весник, кој објави текст за тоа дека биле извлекувани пари од буџетот на Европскиот парламент. Првично, европската администрација се обиде да го забошоти овој случај, но на крајот објави „решителна борба против корупцијата“. Исто така, се споменува и за случајот со непотпишувањето на завршната сметка на буџетот на ЕУ, бидејќи не беше направен според важечките финансиски стандарди. Со анализата на документите, подоцна се утврдило дека не можело да им се влезе во трага на над 620 илјади сметки. Ревизорите утврдиле дека „испариле“ пет отсто од тековниот годишен буџет, како што пишува Зоран Милошевиќ од Институтот за политички студии во своето истражување „Корупцијата во Европската Унија“. Тој забележува дека е тешко да се процени точното ниво на корупцијата во Унијата, затоа што таа нема право да ги истражува корупциските случаи, а за тоа се надлежни националните држави. Во неговиот труд се споменува податокот на Антикорупциската агенција на ЕУ за поднесени 67.800 пријави за „злоупотреба на положбата и корупцијата“ во 2013 година. Процените се дека на „неефикасниот менаџмент“ се одлева околу 18 отсто од буџетот на Европската Унија, а меѓу државите што се најподложни на овој начин на функционирање се споменуваат Франција, Унгарија, Холандија, Литванија, Полска, Романија, Шпанија и Италија. Најкорумпирани во ЕУ се политичарите, според сознанијата на невладиниот сектор, а најмалку се политичарите од Данска и Шведска, а најкорумпираните биле Грците и Бугарите.

За корупцијата во земјите-членки на ЕУ не се зборува многу поради „европската солидарност“ да се затвораат очите пред големите корупциски скандали. Меѓутоа, таа стана актуелна тема со формирањето ново јавно обвинителство на ЕУ, кое почна борба против корупцијата во земјите-членки, а за што се проговори и за злоупотребата на европските фондови. Некои земји, како Малта и Словенија, го одложуваа именувањето на свои членови во обвинителството. Покрај Унгарија и Полска, соработката ја одбија и Данска, Шведска и Ирска. За сериозноста на проблемот со корупцијата во ЕУ покажуваат и убиствата на новинари во Малта и Словачка, кои ги истражуваа злоупотребите со средствата од европските фондови, објави минатата година „Дојче веле“.
Вториот аспект е постоењето на скриена политичка корупција, за која никој не сака да зборува јавно, а тоа се разните форми на уцена и условувања, размена на услуги, со купување влијание преку купување оружје и скапа технологија, за подоцна да се остварат определени меѓународни позиции. Медиумите во Европа во повеќе наврати информираа за тоа колку чиновниците во Брисел помагаат во лобирањето за исполнувањето на интересите на поединци, компании или држави.
– Меѓународната корупција потешко се открива и таа секогаш е поврзана со нелегалната трговија со дрога и со трансферот на оружје или други облици на соработка. Политичката корупција е присутна и во светот, а не се исклучува и во нашите балкански услови – велат домашните аналитичари.
Во истражувањето на „Транспаренси интернешнел“ за минатата година, во кое биле анкетирани 40.000 луѓе од сите 27 земји-членки во Европската Унија, речиси третина одговориле дека корупцијата во нивните земји се зголемила, а 44 отсто од нив сметаат дека состојбата со корупцијата не се менува. Околу половината мислат дека митото и врските често се користат од странските компании за стекнување со профитабилни државни договори. Повеќето од половината граѓани во ЕУ сметаат дека владите се водат од приватните интереси, а една третина дека со нивната земја управуваат корумпирани влади. Покрај ниското ниво на поткуп од три отсто, кај Европејците е широкораспространета перцепцијата за неказнивост за корупциското однесување.