Нов рекорд на Дарио Ивановски

Ивановски во трката во Белград, на 3.000 метри во сала, за повеќе од две секунди го собори речиси три години стариот рекорд остварен во Истанбул. Тоа е негов вкупно 21. рекорд во кариерата

АТЛЕТИКА

Нов државен рекорд постави најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, прв за него во 2022 година и вкупно 21. во кариерата. Во минатиот викенд на митингот што се одржа во Белград (Србија), во трката на 3.000 метри во сала, Ивановски (24) забележа време од осум минути, една секунда и 63 стотинки и за повеќе од две секунди го собори речиси три години стариот рекорд (8:03,65 минути), остварен на трка во Истанбул (Турција), во февруари 2019 година.
Во минатата сезона Ивановски десет пати соборуваше национални рекорди. Тој е рекордер на Македонија во девет атлетски дисциплини, и тоа на 1.000 метри на отворено (2:28,04 минути), на 1.500 метри во сала (3:44,98), на 3.000 метри во сала (8:01,63), на 3.000 метри на отворено (8:06,66), на 5.000 метри на отворено (14:02,32), на 10.000 метри на пат (29:58 минути), на 10.000 метри на отворено (30:04,66), во полумаратон (1:06,08 часа) и во маратон (2:21,27 часа).