Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од распаѓање на лагата не ја оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот, напиша на социјалните мрежи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
Тој се огласи за да го брани ликот и делото на бугарскиот цар Борис Трети, откако отворањето на истоимениот бугарски културен клуб во Охрид беше дочекано со големо незадоволство во македонската јавност.
– За последен пат, Цар Борис Трети обединител е симбол на ослободувањето и единството на Бугарите – напиша Џамбаски.
Тој по повод случувањата околу отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ му одговори и на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
– Ова господине Османи не е провокација, туку факт. Годините на лаги и пропаганда на Коминтерната не можат да ја променат историјата. И тоа покажува дека бугарските чети биле пречекани како ослободители со цвеќиња и бугарски песни. Иван Михаилов, кој го мразат сите Македонци, вели: „Кога во 1941 година се отворија бугарските училишта во Македонија, никаде немаше бунт и не се бараа други училишта – напиша Џамбаски на неговата фејсбук-страница.
Џамбаски неделава јавно се побуни против отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Џамбаски кој е познат по антимакедонските ставови, неодамна со своите приврзаници протестираше против францускиот предлог пред домовите на поранешните бугарски премиери Кирил Петков и Бојко Борисов. Контроверзниот европратеник и приврзаниците на опозициската бугарска партија ВМРО-БНД одржаа и неколку протести поради бугарската политика кон Македонија, на кои апелираа да не се отстапува од бугарските услови за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Џамбаски годинава се најде опфатен и во скандал во Европскиот парламент, откако неговото одмавнување со раката кон потпретседателката на ЕП, Пина Пичерно, пред да излезе од салата за пленарни седници, беше протолкувано како нацистички поздрав.