Илустрација: „Нова Македонија“

Повод: Говорот на претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, на Генералното собрание на Обединетите нации

Во салата на Генералното собрание на Обединетите нации, каде што секоја држава формално има свое место и свој глас, претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, настапи во името на својата држава со тврдењето дека е „изложена на воена сила и закани“!
А за потсетување, само еден ден претходно, претседателот на САД, Доналд Трамп, од истата говорница во врска со Иран, говореше „со јазикот на силата и предупредувањето“…
Меѓутоа, одговорот на Техеран не беше обид да се надвика Америка, туку остави впечаток дека Пезешкјан направи обид да се врати спорот таму каде што требаше да биде од почетокот, односно пред меѓународното право и пред Повелбата на ОН. Тоа беше суштината на неговата порака. Оваа порака беше адресирана до целиот свет, и до „големите“ и до „малите“ држави, но особено предизвика воодушевување кај овие вториве, „мали и помалку моќни држави“. Зошто?

Малите држави најдобро знаат што значи кога правилата зависат од „големината“ на оној што ги толкува

Иран не ја прифаќа логиката според која мирот значи еднострано откажување од својот суверенитет. Но, истовремено, претседателот Пезешкијан го претстави дијалогот како можен пат. Токму тука неговиот настап доби пошироко значење од иранско-американскиот спор.
– Повелбата на ОН почива врз суверената еднаквост на државите, мирното решавање на споровите и забраната на закана или употреба на сила против политичката независност и територијалниот интегритет на друга држава. Тоа правило не е создадено само за малите држави, но токму малите држави најдобро знаат што значи кога правилата зависат од големината на оној што ги толкува. Затоа македонскиот читател тешко може да го слушне ваквиот говор без сопствено историско препознавање. Нашето европско патување покажа дека билатералните прашања можат длабоко да се испреплетат со патот кон ЕУ – вели наш соговорник, професор по меѓународни односи и дипломатија.

Дали светот ќе прифати исти правила за сите?

Според нашиот соговорник, говорот на претседателот на Иран имал многу асоцијативна поврзаност со Македонија.
– Преспанскиот договор со Грција стана дел од европскиот процес, а Договорот за добрососедство со Бугарија исто така е вклучен во рамката на тој процес. Во 2022 година, ЕУ го отвори новото поглавје на пристапните преговори со Македонија, со процес што подоцна беше поврзан и со конкретни обврски кон Бугарија. За македонското општество, тоа е потсетник дека достоинството на државата и правата на граѓаните не смеат да се третираат како ситни монети во геополитички преговори. Но истиот принцип мора да важи и за Иран, но и за секоја друга држава и секој друг народ. Затоа најважното прашање по говорот на Пезешкијан не е дали некој го сака или не го сака иранскиот режим. Прашањето е дали светот ќе прифати исти правила за сите и дали човечките животи имаат иста вредност без оглед на знамето над нив? И дали преговорите можат да бидат вистински преговори ако едната страна однапред бара покорување. Токму затоа говорот на Пезешкијан треба да се чита пред сè како аргумент за принципот, а не како апологија на една власт – анализира нашиот соговорник.

Мир – да; Дијалог – да; Капитулација/деноминација /денационализација под
закана – не!

Обединетите нации се создадени за свет во кој силата нема да биде единствениот јазик на меѓународната политика. Ако тој принцип важи само кога ни одговара, тогаш проблемот не е само во една држава или во еден претседател. Проблемот е во самата идеја за меѓународен поредок.
– Иранскиот претседател Пезешкијан во таков контекст испрати порака што може да се сведе на една едноставна реченица: Мир – да; Дијалог – да; капитулација/деноминација /денационализација под закана – не! За еден мал народ што добро ја познава тежината на условувањата на патот кон Европа, тоа е порака што вреди да се слушне! Но уште поважно е од неа да се извлече еден универзален принцип. Имено, ниедна држава не треба да има право да бара од друга држава да се откаже од своето достоинство за да добие некаква бенефиција за себе. Повелбата на ОН треба да биде штит токму за таквиот свет, а човековите права треба да важат и кога се непријатни за моќните. Индивидуалните права не смеат да бидат спротивставени на колективните права, ниту колективните права смеат да бидат изговор за газење на индивидуалните. Само така „мирот престанува да биде име за тишината (молчењето) на послабиот“ и повторно станува она што треба да биде – договор меѓу еднакви луѓе и еднакви народи – поентира на крајот на разговорот нашиот соговорник, професор по меѓународни односи и дипломатија.