Фото: „Нова Македонија“

Анализа

  • Од „стратешка дистанца“ до стратешко партнерство… Зошто
    Вашингтон сега се приближува до Белград? Што бараат САД од Србија и каде во оваа равенка се наоѓа Косово, но и другите земји во регионот, вклучително и Македонија?

Американскиот државен секретар Марко Рубио на 23 септември во Њујорк изјави дека „САД сакаат да го продлабочат стратешкото партнерство со Србија“ и дека „Вашингтон има намера да го направи тоа, но истовремено признавајќи дека „Белград е инволвиран во прашања што можат да бидат проблематични и експлозивни и од меѓународен интерес“. Тој додаде дека „американската администрација веќе презела чекори за приближување до Србија“ и дека „се надева оти ќе ја посети земјата“.
Изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио на прв поглед изгледа како уште една дипломатска формулација. Но внимателното читање на неговите зборови, особено во контекст на потезите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп во последните месеци, откриваат индикатори дека можеби станува збор за нешто посистематско. Тој имено вели дека, и покрај „прашања што се проблематични и експлозивни и од меѓународен интерес“ сепак, „стратешкото приближување треба да продолжи“…
Но за тоа што всушност значи оваа изјава и што може да се прочита од неа за Србија, а и за регионот, разговаравме со неколку наши соработници, дипломати од кариера, кои го толкуваа овој официјален став на Вашингтон.

Од изјава до институционална и официјална политика

– Изјавата на Рубио не треба да се анализира изолирано. Најпрвин да потсетиме. На 17 јули Вашингтон и Белград го отворија првиот стратешки дијалог САД-Србија. Со тоа е воспоставена институционална рамка за систематско продлабочување на односите во повеќе области. Во првата рунда беа опфатени енергетиката, безбедноста, економијата, технологијата, образованието и други теми. Потоа следуваа конкретни чекори. САД и Србија потпишаа т.н. Меморандум за енергетска инфраструктура и регионална енергетска безбедност, а Белград јавно ја постави енергетската соработка како еден од главните столбови на новите односи. Натаму, во американско-српската агенда се појавува и прашањето за диверзификација на енергетските извори и регионалните гасни врски. Значи, зборот „стратегиско“ овде не е само дипломатски украс. Се создава механизам преку кој Вашингтон и Белград можат да преговараат за конкретни интереси, а токму интересите се клучот за разбирање на новата политика – толкуваат нашите соговорници дипломати.

Зошто Вашингтон му посветува повеќе внимание на Белград?

– Србија има географска, економска и политичка тежина. Таа е најголемата држава на Западен Балкан по население и економска големина, се наоѓа во центарот на регионалните транспортни и енергетски коридори и има директно влијание врз најчувствителните регионални прашања, пред сè односите со Косово и политичката динамика во Босна и Херцеговина. Затоа Вашингтон може да процени дека е покорисно да има функционален канал со Белград отколку односите да ги сведува на постојано условување и притисок. Тоа не значи дека американската политика кон Србија автоматски станува политика на отстапки. Напротив, самата формулација на Рубио е индикативна, а тоа е дека „партнерството ќе се продлабочува додека се менаџираат проблематичните прашања“. Со други зборови, Вашингтон се обидува да ги раздвојува областите каде што има заеднички интерес од областите каде што има несогласување. Тоа е суштинска промена во стилот на дипломатијата – анализираат дипломатите.

Како во еден ваков контекст би се решавале отворените прашања на релацијата Белград-Приштина?

– Навистина е очигледно дека постои отворено прашање поврзано со Косово, во пошироки меѓународни рамки. Најпрвин да потсетиме дека ЕУ и понатаму го води дијалогот Белград-Приштина со цел, како што Брисел потенцира, „постигнување сеопфатна, правно обврзувачка нормализација на односите“. Европската служба за надворешни работи експлицитно го дефинира тој процес како инструмент за решавање на отворените прашања меѓу двете страни и за нивно напредување кон европската интеграција. Но еве, сега во исто време, Вашингтон почнува да гради подлабока билатерална врска со Белград. Но, рака на срце, овие две работи не мора да бидат противречни. Напротив, од американска перспектива, поблизок однос со Србија може да се користи како дополнителен канал за влијание врз прашањата што го засегаат Косово. Но постои и ризик од различни очекувања. Белград може да го разбира американското приближување како признавање дека Србија станува централниот политички фактор во регионот. Приштина, пак, може да стравува дека билатералното приближување Вашингтон–Белград ќе ја намали американската подготвеност да врши притисок врз Србија. Токму затоа Рубио внимателно ја вметнува реченицата за „проблематичните и експлозивни“ прашања. Партнерството не значи дека Вашингтон сега го напушта Косово, но секако тоа значи дека Вашингтон сака односите со Србија да ги води по друга линија, со повеќе уважување на аргументите на Белград, и не негово игнорирање како администрацијата на Бајден – анализираат нашите соговорници.

Кои се калкулациите на В ашингтон и Белград заодносите со Русија и Кина?

Според нашите соработници, дипломати од кариера, токму ова е можеби „уште поважниот дел од приказната“.
– Србија со години практикува политика на балансирање меѓу различни центри на моќ како што се Европската Унија, САД, Русија и Кина. Да потсетиме на една академска анализа објавена во 2026 година што ваквата политика на Србија ја опишува како долгорочна „стратешка двосмисленост“ во која Белград ги одржува односите со повеќе сили додека го задржува европскиот курс како формална стратешка цел. Да бидеме појасни. Приближувањето кон Вашингтон не значи автоматски откажување од Москва или од Пекинг. Но ако САД навистина сакаат подлабоко партнерство со Србија, тогаш е логично дел од разговорот да се однесува токму на енергетската и технолошката зависност. Енергетиката е особено важна. Србија со години е тесно поврзана со руските енергетски интереси, додека Вашингтон настојува регионот да има повеќе извори и алтернативни транспортни правци. Во американско-српските разговори во 2026 година токму енергетската диверзификација доби значајно место. Во технологијата, пак, прашањето е пошироко. На пример, 5Г, телекомуникациската инфраструктура, податоците и дигиталната безбедност итн. се дел од глобалната конкуренција меѓу САД и Кина. Затоа американско-српското партнерство може да се чита и како обид Србија постепено да биде поблиску интегрирана во западниот економски и безбедносен екосистем, без нужно веднаш да биде принудена да избира страна во секоја област – анализираат нашите соговорници.

Србија не се откажала од својата политика на балансирање

Очигледно е дека Белград официјално го претставува т н. Стратешки дијалог како ново поглавје во односите со Вашингтон и како институционален механизам за нивно долгорочно зајакнување. Но тоа не значи дека Србија се откажала од својата политика на балансирање.
– Српската политика кон Русија, Кина и ЕУ има свои економски, историски и политички причини. Истражувањата за српската надворешна политика токму ова балансирање го идентификуваат како трајна карактеристика, а не како краткорочна епизода. Затоа попрецизно е да се зборува за американско-српско приближување отколку за некакво геополитичко „префрлање“ на Србија од една во друга страна. Во суштина, и Вашингтон и Белград имаат причини да сакаат подобри односи. САД добиваат поголем канал на влијание врз најголемата држава во Западен Балкан. Србија добива директен пристап до Вашингтон, повеќе можности за американски инвестиции и соработка и дополнителен дипломатски простор во односите со ЕУ, Русија и Кина. Тоа е трансакциска логика на која сегашната американска администрација очигледно придава значење – поентираат на крајот на брифингот нашите ценети соговорници. Р.С.


Македонија и односите со САД во светлината на односите Вашингтон- Белград

Македонија веќе има сопствен институционализиран стратешки канал со Вашингтон

  • Македонија веќе има сопствен институционализиран стратешки канал со Вашингтон. Во април 2026 година беше одржан вториот стратешки дијалог САД-Македонија, кој, според заедничката изјава, имал цел да го продлабочи партнерството во областа на мирот, безбедноста и
    просперитетот. Паралелно, Вашингтон и официјално Скопје во февруари постигнаа „рамка за договор за реципрочна трговија“. Во неа се опфатени трговијата, енергетската безбедност, дигиталната економија и економската безбедност. Особено е важна изградбата на гасниот интерконектор со Грција, преку кој Македонија треба да може да го диверзифицира снабдувањето, вклучително и со американски ЛНГ

За Скопје, медиумската кампања во регионот за т.н. нова оска на Балканот меѓу Вашингтон и Белград не треба да се чита како вест дека „Србија се приближува до Америка, па ќе ја престигне Македонија“ (!?) Тоа е претерано поедноставување на работите.
Всушност, Македонија веќе има сопствен институционализиран стратешки канал со Вашингтон! Во април 2026 година беше одржан вториот стратешки дијалог САД-Македонија, кој, според заедничката изјава, имал цел да го продлабочи партнерството во областа на мирот, безбедноста и просперитетот. Паралелно, Вашингтон и официјално Скопје, во февруари постигнаа „рамка за договор за реципрочна трговија“. Во неа се опфатени трговијата, енергетската безбедност, дигиталната економија и економската безбедност. Особено е важна изградбата на гасниот интерконектор со Грција, преку кој Македонија треба да може да го диверзифицира снабдувањето, вклучително и со американски ЛНГ. Тоа е многу важен детаљ.
– Американската политика кон Србија и американската политика кон Македонија во енергетиката всушност се дополнуваат. Регионалната инфраструктура не завршува на националните граници. Имено, гасоводи, железници, автопатишта, електроенергетски мрежи и дигитални коридори создаваат регионален простор во кој Србија и Македонија се поврзани без оглед на политичките разлики – велат наши соговорници, политички аналитичари.

Белград и Скопје: конкуренција или комплементарност?

Македонија и Србија веќе разговараат за подобрување на транспортната и енергетската поврзаност. Во јули српскиот премиер во Охрид со македонскиот премиер разговараше токму за инфраструктурата, енергетиката, трговијата и за железничката врска кон Грција. Според нашите соговорници, „од американска перспектива, тоа може да биде исклучително корисно. Вашингтон нема причина регионалната економска интеграција да ја гледа само низ политички граници“.
– Ако Србија, Македонија и Грција станат подобро поврзани со транспортни и енергетски коридори, тоа може да ја намали зависноста на регионот од единечни снабдувачки и транспортни правци. Затоа американското приближување кон Србија дефинитивно не значи намалување на значењето на Македонија. А сигурно значи дека Вашингтон повторно го гледа Западен Балкан како регионална мрежа наместо како збир од одделни билатерални односи – велат нашите соговорници.

Дали и како ќе се промени регионалната распределба на американското
внимание?

– За Македонија, најважното прашање не е дали треба да се „радува“ или да се „плаши“ од американско-српското партнерство. Прашањето всушност е дали и како ќе се промени регионалната распределба на американското внимание? Но за издвојување веднаш е фактот дека Македонија има една голема предност. Таа веќе е членка на НАТО и има воспоставена стратешка арматура на односи со Вашингтон. Стратешкиот дијалог и економската рамка со САД покажуваат дека американско-македонските односи имаат сопствена институционална динамика. Од друга страна, пак, Србија има друга конкурентска предност, а тоа е нејзината политичка тежина. Вашингтон може да има длабоки безбедносни односи со Скопје, но ако сака да влијае врз Косово, Босна и пошироката регионална стабилност, не може да го заобиколи Белград. Оттука произлегува можна нова регионална формула: Македонија како сојузник во западната безбедносна архитектура; Србија како клучен политички партнер со кој Вашингтон мора да преговара; Косово како централно нерешено прашање; а енергетиката и инфраструктурата како простор каде што сите овие интереси се пресекуваат – ги споделуваат своите размислувања, нашите соговорници, политички аналитичари.

Најважниот сигнал од САД не е Србија, туку Балканот

– Изјавата на Рубио може да се чита и пошироко. Ако Вашингтон навистина го продлабочува ангажманот со Белград, а истовремено ги развива стратешките и економските механизми со Македонија, тогаш САД не се повлекуваат од Балканот. Напротив, се обидуваат да го редефинираат начинот на кој се присутни. Помалку идеолошки, повеќе т.н. трансакциски. Помалку преку една единствена агенда, која е комбинација од енергетика, инфраструктура, инвестиции и геополитичко влијание. Но за Европа тоа отвора уште едно прашање. Имено, дали американското враќање кон регионалната геополитика ќе се одвива паралелно со европската политика кон Западен Балкан или ќе создава различни приоритети? За Македонија тоа е голема шанса сега да ја искористи својата позиција како НАТО-членка, транзитна земја и дел од јужниот енергетски коридор за да стане активен дел од новата регионална архитектура. Тоа го даваат како одговор следните договори што се потпишуваат и оние што се подготвуваат – за енергија, инфраструктура, инвестиции итн., на што официјално Скопје веќе две години работи со полна пареа – завршуваат на крајот на разговорот нашите соработници. Р.С.