Британскиот медиум „Телеграф“, анализирајќи деновиве, предвидува нова опасна ескалација на конфликтот на релацијата Варшава – Брисел. И други медиуми пишуваат дека Полска ја заостри својата позиција и е подготвена да создаде коалиција што ќе ја замени претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Евентуалното соборување на Урсула фон дер Лејен, според размислувањата на Полска, всушност би претставувало геополитички и геостратегиски напад врз целиот концепт на ЕУ…

На повидок „коалиција за соборување“ на европската влада и на Урсула фон дер Лејен

Полската влада, со своите крајно непопуларни судски реформи наметнати од Брисел, влегува во сѐ поголем конфликт со Европската Унија. Имено, откако Варшава минатиот месец го укина контроверзниот дисциплински совет за судии што му пречеше на Брисел, бидејќи сметаше дека тоа е повреда на независноста на судството, доаѓаат најави дека Полска ќе формира ново слично тело, поради што Европската комисија (ЕК) предупреди дека на Варшава нема да ѝ бидат доделени планираните финансиски средства за закрепнување од пандемијата на ковид-19. Згора на тоа, ЕК бара спроведување нови реформи на полското правосудство, кои сите заедно предизвикуваат уште посилен отпор од централната власт во Варшава.

Опасна ескалација на конфликтот на релацијата Варшава – Брисел

Минатата недела за овој внатрешноевропски судир пишуваше и „Нова Македонија“, но реномираниот британскиот медиум „Телеграф“ сега предвидува нова опасна ескалација на конфликтот на релацијата Варшава – Брисел. И други европски медиуми пишуваат дека Полска ја заостри својата позиција и е подготвена да создаде „коалиција што ќе ја замени претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен“!
Според британските медиуми, во интервју за полското државно радио, полскиот политичар Соболевски рекол дека доколку Европската комисија „не одвои 35 милијарди евра за помош за борбата против пандемијата, Варшава ќе го тужи Брисел, ќе стави вето на иницијативите на ЕУ и да формираат коалиција за замена на Урсула фон дер Лејен и нејзиниот „колеџ“ на европски комесари.
Да потсетиме, сè започна откако најмоќниот полски политичар и лидер на владејачката партија ПиС, Јарослав Качињски, во остро интервју за медиумите „Сиечи“ рече дека Варшава „нема причина да ги исполнува своите обврски кон Европската Унија“.
Покажавме најголема добра волја, но (нашите) отстапки не беа ништо – рече Качињски.
Тој додаде дека Полска го спроведува својот дел од договорот за укинување одредени контроверзни судски реформи во замена за фондовите на ЕУ.
Од наша страна условите беа исполнети, а од нивна страна беа прекршени. Време е да се извлечат заклучоци. Моравме да се обидеме барем да го разјасниме проблемот. И денес веќе е јасно – сите знаат што е работата – изјави полскиот политичар.
Покрај тоа, тој го обвини Брисел дека сака да го „уништи владеењето на правото во Полска“ и да ја принуди „целосно да ѝ се потчини на Германија“.
Полска не се вклопува во германско-руските планови за управување со Европа – рече Качињски.
Во исто време, тој ја нападна полската опозиција, велејќи дека таа е во дослух со Брисел и другите странски сили „да се обидат да ни ја одземат слободата, нашиот суверенитет и да нè ограбат“.

Унгарија сојузник на Полска за рушење на европската влада?

Полска можеби би можела да смета на Унгарија за создавање „коалиција против Урсула“ поради унгарските отворени конфликти со Брисел.Таа земја сè уште ги води своите „специфични војни“, при што Будимпешта го демонстрира своето „специфично оружје“ за борба, кое, рака на срце, е и повеќе од импресивно и ефективно. На пример, во енергетската сфера, Унгарија успеа да се „ослободи“ од одредени одредби на ембаргото на Европската Унија за руската нафта. Неодамна, пак, шефот на дипломатијата на Унгарија, Петер Сијарто, престојуваше во Москва, каде што заедно со рускиот колега Лавров се договори за испорака на дополнителни 700 милиони кубни метри гас за неговата земја.
Значи, Будимпешта има ефикасно „специфично оружје“! Но од друга страна, факт е дека таквото унгарско оружје воопшто не ѝ се допаѓа на Варшава, со оглед на нејзиниот однос со Москва. Во Варшава, несомнено, има потенцијал за дестабилизација на ситуацијата, но факт е дека без финансиска помош од Брисел, Полска тешко може да функционира во однос на одржливиот развој. Едноставно, богатите членки на ЕУ имаат „стандардна формула“ во однос на сите т.н. земји во транзиција што подоцна се приклучија на политичкиот проект (ЕУ). Западните земји, лидери на ЕУ што и ја создадоа Унијата, нема да му го препуштат лидерството на некој друг. Но, хипотетички, не мора да постои „соборување на Урсула фон дер Лејен“, туку самата иницијатива однатре за тоа, според идејата на полскиот државен врв, всушност би претставувала геополитички и геостратегиски напад врз целиот концепт на ЕУ… Н.М.