Предвременото заминување на Кристин Лагард од функцијата претседателка на Европската централна банка (ЕЦБ) како повод
- Предвременото заминување на Кристин Лагард од Европската централна банка (ЕЦБ) е многу повеќе од лична или професионална одлука. Тоа е симптом на една Европа што сè потешко ги прикрива својата институционална несигурност, политичките стравови и кризата на сопствениот идентитет
Понекогаш најзначајните политички пораки стигнуваат и преку оставки, предвремени заминувања и неочекувани одлуки на луѓето што се наоѓаат на врвот на европската пирамида на моќ. Таква порака испрати Кристин Лагард, претседателката на Европската централна банка, најавувајќи дека на 7 февруари 2027 година ќе ја напушти функцијата, речиси девет месеци пред истекот на мандатот. Нејзиното објаснување дека таа „сака повторно да ја добие слободата на говорот“, како и да ја добие повторно „можноста да се занимава со прашања надвор од монетарната политика“, звучи речиси неверојатно за човек што се наоѓа на една од најмоќните позиции во Европа. Но токму тие изјави ја кријат (не)обичната вистина на повлекувањето на Лагард.
Слободата на говорот како луксуз на европската елита
Според нашата соговорничка, универзитетска професорка по комуникологија, изјавата на претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) е – фрапирачка.
– Лагард не е обична функционерка. Таа е поранешна директорка на Меѓународниот монетарен фонд, политичарка со огромно меѓународно искуство и жена што со години учествува во креирањето на глобалните економски политики. Кога таква личност соопштува дека сака да замине за да може слободно да зборува за состојбите во светот, неизбежно се наметнува прашањето за тоа што е тоа што денес не може да го каже еден од највисоките европски функционери? Секако, независноста на централната банка подразбира политичка воздржаност. Претседателот на ЕЦБ не може да настапува како партиски лидер, ниту да ја претвори институцијата во инструмент на дневнополитичките пресметки. Но постои разлика меѓу институционална неутралност и отсуство на политичка слобода. Токму таа граница со изјавата на Лагард денес станува предмет на сериозен, за мене страшен, колосален удар врз таканаречениот принцип на слобода на говор во ЕУ – вели професорката.
Европа сè повеќе се плаши од сопствената политичка иднина
Вториот, можеби уште позначаен аспект, е времето во кое Лагард одлучи да замине. Нејзиниот мандат требаше да заврши во октомври 2027 година. Наместо тоа, заминувањето е планирано за февруари, пред претседателските избори во Франција, закажани за пролетта истата година. Овој временски распоред не е политички неутрален. Европските центри на моќ очигледно сакаат изборот на новиот претседател на ЕЦБ да биде завршен додека Емануел Макрон сè уште е во Елисејската палата.
– Причината некако како да се претчувствува. Веројатноста за промена на политичката конфигурација во Франција, особено во контекст на подемот на Марин Ле Пен и нејзиниот Национален собир, е огромна индикација. Тука веќе не станува збор само за монетарна политика. Станува збор за политичко позиционирање и за обид да се зачува влијанието на актуелните либерални европски елити врз една од најважните институции на Унијата – ЕЦБ. Ако институциите се толку сигурни во сопствената демократска легитимност, зошто толку многу им значи кој ќе биде на власт во Париз во моментот кога се избира нивниот иден раководител? Се разбира дека не се сигурни. Ниту Макрон ниту бриселските актуелни елити, па затоа тие се обидуваат преку еден интересен маневар да направат обид за зачувување на највисоката позиција на една од најважните институции на Унијата – ЕЦБ, додека можат да го направат тоа легално и легитимно – вели еден наш соработник, долгогодишен новинар во Франција.
Титаник не тоне поради една дупка
Метафората за Европа како Титаник можеби звучи драматично, но нејзината вистинска тежина не е во евентуалниот распад на Унијата. Таа е во постепеното губење на чувството за заедничка насока.
– Европа денес се соочува со серија истовремени предизвици како што се економска неизвесност, високи јавни долгови, индустриска неконкурентност, енергетска депресивност, геополитичка зависност и сè подлабока политичка поларизација. Дополнително, Унијата има проблем што не може да се реши со уште еден самит или со уште една декларација, а тоа е сѐ подлабокиот јаз меѓу европската актуелна политичка елита и расположението на нејзините граѓани. Тука се и растечките суверенистички движења. Кога граѓаните бараат промена, а институционалните центри реагираат првенствено со страв од можните изборни резултати, тогаш демократскиот проблем станува еднакво сериозен како економскиот. Бродот не мора да удри во сантата за да се појави опасност. Доволно е патниците да престанат да веруваат во капетанот, метафорично се изразува нашиот соговорник – новинар во Франција.
Европската централна банка меѓу економијата и политиката
Особено чувствителен момент е тоа што заминувањето на Лагард се случува во период на економска неизвесност. На 29 октомври, ЕЦБ ги задржа основните каматни стапки на 2,5 проценти, иако инфлацијата во еврозоната достигна 3,8 проценти. Во исто време, растечките трошоци за задолжување и проблемите со јавниот долг, особено во Франција, ја усложнуваат економската слика.
– На јавноста во Македонија треба да ѝ биде јасно дека Европската централна банка (ЕЦБ) не е обична институција. Нејзините одлуки влијаат врз цената на кредитите, инвестициите, штедењето, производството и секојдневниот живот на стотици милиони луѓе. Затоа, предвременото заминување на Лагард како претседателка, токму во ваков момент, неизбежно отвора прашања за институционалната стабилност и за политичките околности во кои се избира нејзиниот наследник. Се разбира дека Лагард тврди дека зад себе остава силна и стабилна организација, но политичката симболика на нејзината одлука е посилна од формалните уверувања – тврди нашиот соговорник од Франција. Е.Р.
Кој ќе го преземе кормилото на ЕЦБ по Лагард?
По Лагард, во 2027 година следуваат и други значајни кадровски промени во ЕЦБ. На повидок е поширока реконструкција на нејзиното раководство, а меѓу имињата што се споменуваат за нејзин наследник се поранешниот гувернер на холандската централна банка, Клас Нот, и директорот на Банката за меѓународни порамнувања, Пабло Ернандес де Кос.
– Сега се поставува прашањето каква Европа ќе наследи оној што доаѓа по Лагард? Ќе наследи ли Европа што ќе има храброст да ја преиспита сопствената политика, да ја зајакне економијата и да ги слушне граѓаните или онаква Европа што ќе продолжи да ги третира политичките промени како непријатна пречка во однапред замисленото институционално сценарио? Заминувањето на Лагард само по себе не е доказ дека Европската Унија се наоѓа пред распад. Но е повод сериозно да се размисли за нејзината политичка самодоверба, за институционалната одговорност и за стравот од неизвесната иднина. Зашто, кога капетаните почнуваат да размислуваат за сопственото заминување пред истекот на планираниот курс, патниците имаат право да прашаат што се случува со бродот. А најважното прашање за Европа денес можеби не е дали Титаник ќе потоне, туку дали оние што управуваат со него сè уште знаат во која насока пловат – анализира сликовито нашиот соговорник, долгогодишен новинар во Франција. Е.Р.
































