Тетово вчера осамна со повеќе билборди со ликот на Османи и краток текст „Добре дојде претседателке“

Ако една Ангела Меркел, Франк-Валтер Штајнмајер, Тони Блер, Бил Клинтон, Кофи Анан, Оскар Луиџи Скалфаро, Тереза Меј и други највисоки светски државници не добија билборди за добредојде во Скопје, немаше ниту косовската претседателка да се навреди ако во Тетово беше пречекана во согласност со вообичаените протоколи

Кој ги одомаќинува функционерите од Албанија и од Косово во Македонија

Косовската претседателка Вјоса Османи пристигна во официјална посета на Македонија, во чии рамки, покрај вчерашните средби со државниот врв во Скопје, денеска треба да го посети и градот Тетово.
Во пресрет на нејзината денешна посета на Тетово, градот под Шара уште во текот на вчерашниот ден осамна со повеќе билборди со ликот на Османи и краток текст „Добре дојде претседателке“, сето тоа под грбот на Општина Тетово.
Ваквиот потег на локалната самоуправа наметнува неколку дилеми на кои граѓаните бараат одговор, почнувајќи од тоа чија претседателка е Османи, на што се трошат парите на тетовските даночни обврзници и дали еднаков третман имаат и другите функционери што го посетуваат Тетово, почнувајќи од македонскиот претседател Стево Пендаровски.
Имено, билбордот со текст „Добре дојде претседателке“ не прецизира чија претседателка е Вјоса Османи, дали на тетовци или, пак, на соседна држава чие име воопшто не се споменува на билбордот. Во време кога постојано се наметнува албанската етничка агенда во земјава, пораката на билбордот може да добие и поинаква големодржавна конотација, особено по изјавите од типот дека „Тетово е главниот албански град во Македонија“.

Втора работа на која граѓаните заслужуваат одговор е на што се трошат народните пари. Тетово со децении се соочува со проблемот со загадениот воздух, со немањето вода за пиење, градот тешко се справува и со хигиената, така што трошењето пари на билборди за добредојде во време кога граѓаните живеат во сиромаштија е крајно несериозно. Почит кон гостинката од Косово можеше да се искаже така што градот ќе беше накитен со државните македонски и косовски знамиња, со знамињата на етничките заедници, како што впрочем е вообичаениот протокол при посета на странски гости. Тоа немаше да ја чини општинската каса ниту денар, наместо да се трошат по неколку илјади евра за „умилкување“ на косовската претседателка во текот на тие неколку часа што ќе ги помине во центарот на Тетово. Ако една Ангела Меркел, Франк-Валтер Штајнмајер, Тони Блер, Бил Клинтон, Кофи Анан, Оскар Луиџи Скалфаро, Тереза Меј и други највисоки светски државници не добија билборди за добредојде во Скопје, немаше ниту косовската претседателка да се навреди ако во Тетово беше пречекана во согласност со вообичаените протоколи.
– Имаме проблем со кучињата скитници, постојано се случува хаварија на главната водоводна мрежа, цела зима воздухот е максимално загаден, така што локалната самоуправа треба повеќе да се грижи за проблемите на граѓаните наместо да им се додворува на странските функционери. Тие ќе дојдат, ќе се прошетаат, ќе се најадат, ќе се напијат и ќе си заминат, а ние и натаму ќе живееме лошо. Во вакви кризи секој денар е важен, така што треба малку повеќе да се води сметка на што се трошат парите – коментира Милорад Станојковски од Тетово.
И додека претседателката на Косово, но пред некое време и премиерот на Албанија, Еди Рама, беа пречекувани со билборди на кои им се посакуваше „добре дојде претседателке“ или „добре дојде премиере“, македонските претседатели што во повеќе наврати го посетувале Тетово повеќе биле третирани како „неканети гости“. За нив никогаш низ градот не осамнале билборди со пораки за добредојде, туку скромно ќе беше поставено понекое државно знаме само по дел од улиците каде што се движел претседателот, сето тоа редовно зачинето со несразмерно многу етнички (читај државни) албански знамиња како начин за означување нечија територија.
Без оглед што потегот на тетовскиот градоначалник може да се оцени како дел од параполитичка агенда за задоволување на сопственото етноцентрично гласачко тело, сепак, тетовци не се должни да го плаќаат тоа од свој џеб.