Фото: Aрбнора Мемети

Претставниците на власта, засега, се фокусираа на материјалните штети на компанијата „Пофикс“. Загадувањето на воздухот е ставено во втор план. Властите тврдат дека загадувањето е минорно и се повикуваат на податоците од мерните инструменти, додека граѓаните се жалат на интензивен мирис на изгорено и на печење на очите и грлото. Тетово беше еден од најзагадените градови, можеби токму сега е време за радикални зафати на овој план

ПО ЗАВЧЕРАШНИОТ ПОЖАР ВО ТЕТОВО, ДВОЈСТВО НА ИНФОРМАЦИИТЕ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ

Иако информациите од Тетово кажуваа дека, по пожарот во некогашниот погон на „Македонија табак“, во делови од градот сѐ уште се чувствува мирис на опожарено што предизвикува иритација на очите и грлото, надлежните не беа сигурни дали и колкаво загадување на воздухот е присутно на просторот. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, беа на локацијата, каде што се сретнаа со сопствениците на компанијата и разговараа за потребните мерки и поддршка за санација на штетите.

Санирањето на материјалните штети во прв план, а санирањето на загадувањето на воздухот ќе почека бидејќи не е големо?

– Сега засега е битно дека сѐ е под контрола. Но уште очекуваме извештаи за да знаеме што гори, податоците што ги имаме од мерната станица во Тетово укажуваат дека се зголемуваат тие загадувања, но за голема среќа ние сме во контакт со градоначалникот на Тетово и ги координираме сите мерки. Битно е дека нема големо загадување во Тетово, ние секој час споделуваме податоци на фејсбук-страницата и се координираме со општината и со други институции – изјави Нуредини.
Градоначалникот Касами, сепак, информира дека учениците може да одат на училиште со оглед на, како што рече, нормалните вредности што, според него, ги покажувала станицата за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух.
– И јас сум родител. Ми се јавија од дома и ме прашаа дали да го пуштат детето во школо. Дозволете ми да им препорачам на сите родители дека децата треба денес да одат во школо, тоа ѝ го кажав на мојата сопруга од сабајле, параметрите, еве, кажа и министерот, се во рамките на нормалата. Имаше многу губење на наставата, не треба да продолжи тоа така. Јас ги замолувам сите родители и сите наставници од денеска да продолжи нормално наставниот процес – изјави Касами.

Неверодостојни податоци од мерната станица во
Тетово поради технички проблеми

Но во меѓувреме, Министерството за животна средина и просторно планирање и вчера и завчера информира за проблеми со објавувањето на податоците од мерната станица во Тетово поради технички проблеми со главниот сервер.
А за потсетување, Обединетите нации во едно од своите годинашни известувања, најавувајќи зачестени шумски пожари, констатираат дека дури и загадувањето со чадот од шумските пожари ќе предизвика проблеми со кои светските влади не се подготвени да се соочат. А имајќи предвид дека, според сѐ уште непотврдените информации, завчера во Тетово гореа градежни материјали, сосема е јасно дека тоа би можело да предизвика многу поголемо загадување на воздухот од вообичаените шумски пожари.
Но претставниците на власта, засега, се фокусираа на материјалните штети на компанијата „Пофикс“, која во поранешните простории на „Македонија табак“ имаше свои складишта.
Вицепремиерот Битиќи за време на посетата рече дека материјалната штета од пожарот, за жал, е голема, но оти е најважно што нема човечки жртви.
– Секоја материјална штета ќе се надомести заеднички, како што заеднички си помагаме кога треба компаниите да прават инвестиција. Ќе треба заеднички да изнајдеме начин како да се помогне во надомест на материјалната штета, затоа што сметам дека вака треба да се грижи државата – изјави Битиќи.
Од компанијата „Пофикс“, пак, информираа дека штетата предизвикана од пожарот во нивното складиште првично изнесува над 12 милиони евра. Д.М.М.


Ангелов: Нема опасност по здравјето на тетовци по пожарот

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, информира дека иако имало густ и црн чад од пожарот во Тетово, безбедна е состојбата од аспект на отровни гасови. Испитувањата ги направи армиската единица за атомско-биолошко-хемиска опасност.
– Наместо да правиме процена, дојде тим од армијата со опрема што е донација од САД и изврши мерење. Чад имаше, но немаше отровни материи. Нивната опрема може да детектира отровни испарувања. Немаше отровни материи што настануваат од пожар. Јас бев во Тетово до вечерта во близината на пожарот, а утрово сум со вас и не сум отруен и се чувствувам добро. Граѓаните треба да бидат спокојни, нема никаква опасност по нивното здравје – вели Ангелов.
Тој информира дека фабриката не е целосно изгорена, туку само нејзини делови, а долготрајноста на пожарот се должи на составот на материјалите што биле во погоните и магацините. Тоа се материјали што кога еднаш ќе се запалат горат долготрајно и тешко се гаснат.


Екологистите алармираат дека тетовци дишат отрови

Екологистите од Тетово алармираат дека во пожарот гореле опасни и канцерогени материјали, а пожарникарите што учествуваа во дводневната битка со огнената стихија велат дека ги чувствуваат последиците од вдишувањето на чадот и загадениот воздух. Кашлање, солзење на очите, вртоглавици се само некои од симптомите што ги почувствувале и оние што учествуваа во гаснењето на огнот, но и граѓаните што беа изложени на тешката миризба што се ширеше од опожарениот објект.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) велат дека има сосема мало покачување на одредени параметри, но дека нема место за паника. Тие на социјалните мрежи почнаа редовно да објавуваат податоци од мониторинг-станицата за квалитет на амбиенталниот воздух во Тетово, по пожарот во поранешната фабрика „Македонија табак“ во Тетово.
Според овие податоци, концентрацијата на јаглерод моноксид завчера во 14 часот изнесувала 1,4964 милиграми на кубен метар, додека вчера во 6 часот изутрина се измерени двојно повеќе – 2,8536. Завчера, ПМ10 честичките напладне изнесувале 36,2 микрограми на кубен метар, а вчераутро се измерени 69,87. Десетина граѓани и пожарникари веќе побарале помош поради последиците од вдишувањето на чадот. Лекарите советуваат, доколку некој од граѓаните почувствува зашеметеност, сонливост, тешкотии во дишењето и други проблеми, задолжително да се јави на лекар.
Но екологистите се децидни дека на градот, кој и онака важи за еден од најзагадените во Европа, му се случи уште една еколошка катастрофа со несогледливи последици. „Иако властите ги убедуваа граѓаните дека сѐ е во нормала и нема загадување, од друга страна граѓаните денеска се соочуваа со лошиот мирис што има и штетни гасови, кои не можат да се мерат со мерната станица. За нас овој однос е крајно несериозен“, вели за ДВ екологистот Нгадњим Мехмети од Тетово.