Во светот веќе е актуелна кризата со недостиг од храна

Поотпорен, одржлив и правичен систем на храна мора да биде столб на секоја агенда за ублажување или адаптација на климатските промени. Но не треба да се потценуваат пречките за градење ваков систем, особено за земјите и регионите каде што почвата е сиромашна, има мала земјоделска вредност, а другите природни ресурси, како што е водата, се ограничени или не се ценат

Цените на храната постојано растат на светско ниво. Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство на ООН (ФАО), кој опфаќа кошница со основни прехранбени производи (жито, месо, млечни производи, растителни масла и шеќер), достигна највисоко ниво од 159,7 во март, во однос на 141,1 претходниот месец. Иако малку се намали во април на 158,5, тековните случувања, и не само конфликтот во Украина, и натаму ќе го поттикнуваат растот на цените, што може да резултира со разорни последици по светскиот недостиг од храна.
Пандемијата на ковид-19 ја изложи ранливоста и нефункционалноста на системите за храна во светот, со ограничувања на движењето и нарушувања на синџирот на снабдување, кои ги зголемија цените, го нарушија животот во руралните средини и ја влошија несигурноста во храната, особено за сиромашните. Сега, украинскиот конфликт ги комплицира овие предизвици, бидејќи и двете страни во него се главни извозници на храна, гориво и ѓубрива.
Климатските промени претставуваат уште поголема закана за светската безбедност на храната. Екстремните временски услови како топлотните бранови, поплавите и продолжените суши предизвикаа шокови во земјоделското производство и достапноста на храната. Како што се зголемуваат температурите, овие шокови ќе стануваат сè почести и посилни. Ако глобалното затоплување го надмине прагот од 1,5 Целзиусов степен, тие, веројатно, ќе станат катастрофални. Како што покажува најновиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени, избегнувањето на овој праг ќе бара итна и драстична акција. Но ублажувањето е само дел од предизвикот. Ќе бидат потребни и големи инвестиции во адаптацијата за да се заштитат ранливите заедници од затоплувањето. Покрај зголемувањето на економските и здравствените ризици, прекините во снабдувањето со храна и вода, најверојатно, ќе предизвикаат општествени и политички пресврти, поттикнувајќи маѓепсан круг на сиромаштија, глад, нестабилност, па дури и конфликти, придружени со нагло зголемување на миграцијата.

Затоа, поотпорен, одржлив и правичен систем на храна мора да биде столб на секоја агенда за ублажување или адаптација на климатските промени. Но не треба да се потценуваат пречките за изградба на таков систем, особено за земјите и регионите каде што почвата е сиромашна, има мала земјоделска вредност, другите природни ресурси, како што е водата, се ограничени или не се ценат, а социоекономските услови се тешки. Со оглед на ниската продуктивност на нивното земјоделско земјиште, таквите маргинални средини не се во можност да поддржат одржливо производство на доволно храна за да се задоволат нутритивните потреби на локалното население. Всушност, иако во маргиналните средини живее 25 отсто од светското население, или околу 1,7 милијарда луѓе, тие претставуваат 70 отсто од сиромашните во светот и најголемиот дел од неисхранетите.
Сиромаштијата и гладот ​​може да ги наведат земјоделците на прекумерно користење на недоволните еколошки ресурси, со цел да се обезбеди нивниот краткорочен опстанок, дури и по цена на долгорочно исцрпување на нивните земјишта и осиромашување на нивните домаќинства и заедници. Оние што живеат во оддалечени области со минимална инфраструктура, со малку алтернативни економски можности и ограничен пристап на пазарот, имаат особено големи шанси да направат таков избор.
Со оглед на ова, земјите со значителни маргинални почви се потпираат на увоз на храна, во некои случаи за повеќе од 80 отсто од нивните потреби. Но нарушувањата поврзани со пандемијата и конфликтот, заедно со зголемувањата на цените, покажаа колку тие се ранливи. Според извештајот за состојбата со храната и земјоделството на ФАО за 2021 година, дополнителни 161 милион луѓе биле погодени од глад во 2020 година, во споредба со 2019 година. Светската програма за храна сега предупредува дека комбинацијата на конфликти, ковид-19, климатска криза и пораст на трошоците доведоа 44 милиони луѓе во 38 земји на работ на глад.

Покрај тоа што земјите се борат да обезбедат доволно храна за да ги задоволат нутритивните потреби на нивното население, многумина сега ја преиспитуваат нивната зависност од храна и бараат да го прошират локалното производство. Но освен ако не се земе предвид одржливоста, напорите за зголемување на краткорочната отпорност со скратување на синџирите на снабдување би можеле да ја поткопаат среднорочната и долгорочната отпорност со дополнително исцрпување на земјоделските ресурси како што се почвата и водата. Одржливоста не е евтина. Ефикасното производство во услови на биофизички и климатски ограничувања бара инвестиции во скапи технологии. Но лошите структури на управување, ограничените изгледи за раст и високите долгови претставуваат големи предизвици за многу земји. Пандемијата наметна огромно оптоварување на јавните буџети, а за многу влади се наѕираат должнички кризи, бидејќи доспеваат заемите земени за справување со пандемијата.
Не може да се очекува од сиромашните и ранливите земји без помош да се справат со безбројните меѓусебно поврзани предизвици со кои се соочуваат, од загадување и губење на биолошката разновидност до глад и сиромаштија. За да ја зајакнеме долгорочната безбедност на храната и исхраната, мора да гледаме подалеку од решенијата на ниво на земја и треба да се фокусираме на регионално и меѓународно ниво, земајќи ги предвид потребите на заедниците што живеат во маргинални средини. Во спротивно, нема да има бегање од дестабилизирачки циклуси на глад, миграција и насилство.

Сета Тутунџијан е извршна директорка на „Трајвинг солушнс“ и членка на високата експертска група за оценување на потребата за Меѓународна платформа за наука за системите на храна