Фото: Игор Бансколиев

Според анализите на светските еколошки организации, денес на Земјата има само половина од дрвјата што постоеле уште пред да настане човекот и, како што велат нашите соговорници професори по природни науки, пред „да ја узурпира и силува планетата“. За жал, последните неколку века се најпогубни за шумите. Статистиката вели дека секоја година се сечат и до 15 милијарди дрвја низ целиот свет. Кога се зборува за сечењето дрвја, покрај легалната сеча, во најголем број случаи станува збор за илегална сеча, појава што зема сѐ поголем замав, како уште една можност на криминалците да дојдат до лесна заработувачка

Македонија преполна со дрвокрадци

Освен фактот што шумите се извонредно дело на природата, тие се од витално значење за здравјето на нашата планета. Шумите имаат огромно влијание врз моделите на врнежи, врз квалитетот на водата и почвата, но и за превенција од поплави. Во сликовита смисла на зборот, шумите се белите дробови на живиот свет на планетата Земја. Ако медицината како наука вели дека не можеме да живееме без белите дробови, зошто тогаш свесно дозволуваме да ни се случува пустош на шумите?
Според анализите на светските еколошки организации, денес на Земјата има само половина од дрвјата што постоеле уште пред да настане човекот и, како што велат нашите соговорници професори по природни науки, пред „да ја узурпира и силува планетата“. За жал, последните неколку века се најсмртоносни за шумите. Статистиката вели дека секоја година се сечат и до 15 милијарди дрвја низ целиот свет.

НЕЛЕГАЛНАТА ТРГОВИЈА СО ДРВА ПРОБЛЕМ И ЗА ЕВРОПОЛ

Европол минатиот месец поддржа меѓународна операција насочена кон нелегалната трговија со дрва и во земјите каде што дрвјата се сечеле и во земјите каде што требало да пристигнат дрвјата. Акцијата била насочена кон мрежи вклучени во еколошки криминал, нелегална сеча, шверц, даночно затајување, перење пари и измама со документи.
Биле извршени повеќе од 350 контроли, а биле откриени неправилности во работењето на 17 компании во Италија, Холандија, Шпанија и Португалија.
Посебно внимание полицијата обрнала на пристаништата во Бразил, од каде што се извезувале дрвата, и во европските пристаништа, каде што се обидувале да спречат нелегален увоз.
Ова е првпат земјите од каде што се извезуваат дрвата и земјите каде што се увезуваат да реализираат здружена акција против организираниот криминал. Инспекциите биле фокусирани на активностите што ги користат криминалните мрежи за да овозможат нелегална трговија со дрва, вклучувајќи и измама со документи и поткуп. Дрвото се користи за разни работи, вклучувајќи изградба или создавање украси, додека реткото потекло е ценето поради неговите природни карактеристики. Финансиската добивка од овие трансакции не се оданочува, што доведува до даночно затајување. Криминалните мрежи ги перат овие нелегални профити ставајќи ги во легален финансиски систем и на тој начин интегрирајќи ги во легитимната економија.
– Сепак, илегалната трговија значително придонесува за тековното уништување на шумите во земјите на потекло, исцрпувајќи ги нивните природни ресурси. Според Националниот институт за вселенски истражувања на Бразил, уништувањето на шумите на бразилскиот Амазон се зголемило за најмалку 28 проценти во 2020 година – информираат од Европол.

СЕКОЈДНЕВНО СЕ ФАЌААТ ДРВОКРАДЦИ

Огромна е штетата од обесшумувањето, особено во Македонија, каде што се задушуваме во загаден воздух. Шумите се филтрите што ни го прочистуваат воздухот, а без нив станува јасно дека во есенскиот и зимскиот период ќе продолжиме да живееме во магла, смог и ужасен чад.
Кога се зборува за сечењето дрва, покрај легалната сеча, во најголем број случаи станува збор за илегална сеча, појава што зема сѐ поголем замав, како уште една можност на криминалците да дојдат го лесна заработувачка. За растечкиот црн бизнис сме виновни и ние граѓаните, исто колку и криминалците, бидејќи со купувањето на дрвата што ги нудат, го стимулираме нивниот „бизнис“, им даваме поттик да продолжат, бидејќи сфаќаат дека можат добро да заработат на нечесен начин. Притоа, никому не му е грижа дека со илегалната сеча се нарушува целокупниот биодиверзитет, како и целокупната заедница, бидејќи шумите не се само декор на планинските предели.
Она што ја прави оваа појава уште поапсурдна е дека освен што дрвокрадците ги нудат дрвата по драстично пониска цена од онаа што е утврдена на пазарот, тие честопати и ги мамат граѓаните, им земаат пари, а дрва никогаш не им доставуваат. Притоа, честопати знаат да бидат и агресивни со полициските службеници доколку бидат фатени како го извршуваат делото.
И додека надлежните работат интензивно на пошумување на голите површини, дрвокрадците исто така напорно работат да ги доопустошат оние шумски предели што се облагородени со густа шума. На 13-ти месецов, од ЈП „Национални шуми“, од страна на реонските шумочувари во Шумско стопанската единица Дреново, со која стопанисува подружницата Лопушник, било затекнато дабово огревно дрво, бесправно исечено, подготвено за транспорт. По направените контроли, дрвата биле одземени и пренесени во складот на подружницата во Кичево. На почетокот на месецов, пак, во Прилепско беа приведени пет лица.
– Полициски службеници од СВР-Битола лишиле од слобода пет лица, од кои највозрасните биле на возраст од 23 години, сите од Прилеп, поради основано сомнение за бесправна сеча на дрва. При спроведувањето на акцијата биле одземени пет возила и поголемо количество бесправно исечена дрвна маса – наведуваат од страна на јавното претпријатие.

ЗА ПЕТ ГОДИНИ ИЛЕГАЛНО ИСЕЧЕНИ РЕЧИСИ 65 ИЛЈАДИ КУБНИ МЕТРИ ДРВНА МАСА

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, за период од пет години, односно од 2016 до 2021 година биле поднесени вкупно 1.044 кривични пријави за дрвокрадство, а биле регистрирани 1.565 сторители. Реализирани се 1.434 кривични дела, а најшокантно е тоа што се исечени 64.023 кубни метри дрвна маса. Материјалната штета што ѝ е причинета на државата е уште покатастрофална, таа изнесува близу 170 милиони денари или, поточно, 168.690.068 денари.
По сектори, најмногу дрва се исечени во Струмичко, каде што биле исечени дури 24.855 кубни метри дрвја. Куманово е второ на листата со 10.611 кубни метри, а веднаш по него е Битола со 7.524 кубни метри дрвја. Најмалку дрвна маса е исечена во Велес, 261 кубен метар.
Најголем број кривични пријави, сторители и кривични дела се евидентирани во главниот град. Во Скопје се регистрирани 202 кривични пријави, 276 сторители и 267 кривични дела, додека 1.561 кубен метар дрвна маса биле исечени во Скопскиот Регион.

ДА СЕ ИНТЕНЗИВИРААТ ЗАФАТИТЕ ЗА ПОШУМУВАЊЕ

Пред десетина дена беше реализирано пошумување со дрвни видови од аризонски чемпрес и даб во Катланово. Од „Национални шуми“ информираа дека биле пошумени десетина хектари.
Исто така, пред неколку дена беше реализирано пошумување и во Велес, каде што од 11-ти месецов е започнато пошумувањето во рамките на Програмата за проширена репродукција на шуми за оваа година.
– Годинава подружницата Бабуна – Велес, во согласност со предвидувањата, ќе пошуми 26,40 ха голини во околината на езерото Младост. Пошумувањето ќе се извршува со листопадни садници од багрем, јасен и јавор, а се планира до крајот на ноември, со претходно механизирана обработка на површините, да бидат засадени околу 66 илјади садници – информираа од претпријатието.