Фото: Игор Бансколиев

На четирите натпревари во групите А и Б беа додадени речиси 65 минути игра, како дел од заедничките напори на ФИФА да го намали губењето време со попрецизно следење на времето кога играта е во прекин. Резултатот од овој нов пристап беше соборувањето неколку рекорди…

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

По само два дена на фудбалското Светско првенство во Катар видовме примена на нова технологија, но и на неколку нови правила, кои донесоа зголемено време за игра, рекордно доцна постигнати голови, рекорден број замени…
На четирите натпревари во рамките на групите А и Б беа додадени речиси 65 минути игра, а меѓу нив натпреварот Англија – Иран траеше 117 минути и 16 секунди, пишува британски „Би-би-си“. Тоа делумно се должи на повредата на голманот на Иран, кој претрпе потрес на мозокот по судир со глави. Но тоа е дел од заедничките напори на Светската фудбалска федерација (ФИФА) да го намали губењето време со попрецизно следење на времето кога играта е во прекин.
Причините поради кои играта е прекината вклучуваат повреди, одлуки на системот видеопомошник-судија (ВАР), замени, пенали и црвени картони, при што некои играчи често намерно го одложуваат почетокот на играта по такви ситуации, за да потрошат време.
Претседателот на судискиот комитет на Светската фудбалска федерација, Пјерлуиџи Колина, минатата недела потврди дека на четвртите судии на мечевите им било наложено да го следат изгубеното време на натпреварите на годинашното Светско првенство, нешто што се обиделе да го направат и на претходниот Мундијал, во Русија, во 2018 година, пишува „Би-би-си“.
– Во Русија се обидовме да бидеме попрецизни во компензирањето на изгубеното време во текот на натпреварите и затоа видовте додадени шест, седум или дури осум минути. Размислете за тоа, ако имате три гола во едно полувреме, веројатно ќе изгубите вкупно четири или пет минути поради прославите и повторниот почеток на играта – им рече тој на новинарите на брифингот пред турнирот, пренесува „Би-би-си“.
Резултатот од овој нов пристап беше соборувањето голем број рекорди. Според компанијата за спортска аналитика „Опта“, четирите поединечни полувремиња со најмногу прекини во еден натпревар на светските првенства, од почетокот на бележењето на оваа статистика од Светското првенство во 1966 година, биле одиграни во понеделникот, и тоа Англија – Иран прво полувреме со додадени 14:08 минути, Англија – Иран второ полувреме 13:08, САД – Велс второ полувреме 10:34 и Сенегал – Холандија второ полувреме 10:03 минути.
Сосема очекувано, сето тоа додадено време доведе до многу доцни голови. Пеналот на Мехди Тареми за Иран против Англија беше постигнат со 102:30 на часовникот, што е најдоцна постигнат гол на светските првенства во меч без продолженија, пишува „Би-би-си“. Потоа брзо следуваше вториот најдоцен гол, на Дејви Класен за Холандија, по 98 минути и 17 секунди.
На натпреварот помеѓу Англија и Иран имаше примена на ново правило, откако во 8-та минута иранскиот голман ја напушти играта по ударот во глава. Промената беше официјално категоризирана од ФИФА како „сомнителен потрес на мозокот“, пишува германски „Кикер“. Поради сега добро познатиот ризик од можно последователно оштетување на мозокот од потрес на мозокот, ФИФА воведе иновација пред турнирот за да го земе предвид овој факт, па репрезентацијата може да направи замена без оптоварување на нормалната квота од пет играчи, пишува „Кикер“. Селекторот на Иран потоа во текот на мечот внесе во игра уште пет замени, вкупно шест. Но, според правилата за ваква ситуација, на тој меч и Англија имала право на вкупно шест замени (беа искористени пет), пишуваат британски медиуми.


Репрезентацијата на Саудиска Арабија направи едно од најголемите изненадувања на светските првенства

Репрезентацијата на Саудиска Арабија ја совлада селекцијата на Аргентина со 2-1, во првото коло во групата Ц, на фудбалското Светско првенство што се игра во Катар. Тоа е едно од најголемите изненадувања на фудбалските мундијали.
Аргентина водеше со 1-0 по првиот дел, а пресвртот стигна во второто полувреме, со два гола на Саудиска Арабија во период од пет минути. Аргентина до овој натпревар имаше серија од 36 меча без пораз, низа почната по поразот пред три години од Бразил, пишува британски „Скај спорт“. Во групата Ц на СП 2022 се и репрезентациите на Мексико и на Полска, кои синоќа играа меѓу себе.
Во категоријата најголеми изненадувања на фудбалските светски првенства, според агенцијата АФП, се и натпреварите САД – Англија 1-0 (СП 1950), Северна Кореја – Италија 1-0 (СП 1966), Алжир – Германија 2-1 (СП 1982), Камерун – Аргентина 1-0 (СП 1990), Сенегал – Франција 1-0 (СП 2022).


СП 2022, ПРВО КОЛО

Катар – Еквадор 0-2
Сенегал – Холандија 0-2
Англија – Иран 6-2
САД – Велс 1-1
Аргентина – С. Арабија 1-2
Мексико – Полска синоќа
Данска – Тунис синоќа
Франција – Австралија синоќа

ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА
Мароко – Хрватска 11 ч.
Германија – Јапонија 14 ч.
Шпанија – Костарика 17 ч.
Белгија – Канада 20 ч.