Одгласи во регионалната јавност

Балканските медиуми со големо внимание ги пренесоа информациите за исчезнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
За немилиот настан повеќе реномирани медиуми објавија опширни текстови за истрагата, како и за можните мотиви за киднапирањето и за убиството.

Србија

  • Српска „Политика“ пренесе дека Вања била брутално убиена со врзани раце и нозе, а според пишувањата на медиумот во целиот немил настан бил вклучен и нејзиниот татко. „Политика“ ги пренесе изјавите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на главниот обвинител Гаврил Бубевски дека Ѓорчевска била брутално убиена со истрел од пиштол.
    – По киднапирањето, девојчето било ставено во вреќа за спиење пред зградата каде што живеело и на тој начин било однесено на локацијата каде што била убиена и закопана – пренесе „Политика“.
  • Според пишувањата на „Србија денес“, со киднапирањето и убиството на младата скопјанка е поврзан и Љупчо Палевски, познат како Палчо. „Србија денес“ пренесува дека некои од информациите велат дека тој пред неколку дена заминал за Турција. Засега неофицијално се дознава дека Љупчо Палевски имал контакти со другите осомничени од групата, кои им биле посочени при приведувањето, пишува „Србија денес“.
  • Палевски, кој е претседател на движењето „Трета“, е јавно експонирана личност во земјата, особено во главниот град. Она што засега нема официјална потврда е дека целта на киднапирањето на Вања Ѓорчевска била изнуда, а вмешан е и близок член на семејството, кој учествувал во изнудата – пишува „Србија денес“.
  • Српскиот медиум „Ало!“, во контекст на киднапирањето и убиството на Ѓорчевска, пренесе дека во потрагата беа вклучени сите земји од регионот, а граѓаните стравуваа од најлошото. „Ало!“ исто така пренесе дека тагата за овој немил настан не ја криел и таткото на Матеј Периш од Сплит, кој исчезна во декември 2021 година, а во мај следната година неговото тело беше пронајдено во Белград.
  • Ненад Периш синоќа објави илустрација на која на македонски пишуваше: „Почивај во мир, Вања“, а додаде и емотиконски молитви и едно срце – пишува „Ало!“.
  • Според „Курир“, осомничен е и таткото на киднапираната и убиена Вања.
    – Обвинителството потврди дека осомничениот татко на киднапираната и убиена Вања денеска е приведен во полиција. Тој доцна синоќа бил повикан во полициска станица на распит. Од полицијата велат дека се утврдува дали тој е вмешан во случајот. Во меѓувреме во јавноста се појавија информации дека грозоморното сценарио е договорено со Љупчо Палевски-Палчо, кој е во бегство – пренесува „Курир“.
  • За поврзаноста на Љупчо Палески-Палчо пишува и „Блиц“. Според медиумот, осомничените сведочеле дека го чекале девојчето откако добиле информација од организаторот Љупчо Палески-Палчо, кој е во бегство.
    – За Палчо кажале дека информациите ги добил од таткото на Вања, Александар. Ја врзале надвор и ја ставиле во торба. Таа е убиена надвор од Скопје. Осомничените раскажале и како го ископале гробот. Убиството е извршено во селото Бразда. Според истрагата, изјавите покажале дека работите излегле од контрола бидејќи Вања ја барале насекаде, па осомничените решиле да ја убијат. Цело време Александар, таткото на Вања, бил во полиција. Тој до вчера се изјаснувал за невин и негирал каква било поврзаност со случајот – пишува „Блиц“.

Хрватска

  • И хрватските медиуми ја пренесоа веста и повеќе детали за немилиот настан во Скопје.
    Реномираната „Слободна Далмација“ информира за шокантен заплет од убиството на 14-годишното девојче, со образложение дека нејзиниот татко бил вмешан во киднапирањето на девојчето, а организаторот побегнал. Според „Слободна Далмација“, главен организатор бил Љупчо Палевски-Палчо, кој е во бегство.
    – Главниот организатор и извршител на убиството, кој на 27 ноември околу 11 часот со огнено оружје ја уби малолетничката во страв од докази до кои може да дојде МВР, го стори тоа кривично дело. Ќе направам сѐ ова чудовиште да го изведам пред лицето на правдата штом стапне на наша почва – пишува „Слободна Далмација“, пренесувајќи ја изјавата на Оливер Спасовски.
  • Порталот „Индекс“, кој неколку дена го следеше случајот, вчера под насловот „Вања ја врзале, ја ставиле во вреќа и ја закопале. Откриено зошто таткото учествувал во се“ повторно му посвети големо внимание. Порталот на ударно место ја пренесува изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски: „Ќе направам сѐ ова чудовиште да го изведам пред лицето на правдата штом ќе стапне на наша почва“, со напомена дека мислел на Љупчо Палевски-Палчо, за кого порталот укажува дека е недостапен за властите.
    Инаку, „Индекс“ ги наведува и имињата на тројцата осомничени на кои им е одреден 48-часовен притвор: Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. „Манев, кој ја призна вината, бил пријател со Палчо. Тие имаат заеднички фотографии на социјалните мрежи“, пишува порталот.
  • Весникот „Јутарњи лист“ детално пишува за случајот. Во еден од неколкуте прилози на порталот на весникот посветени на развојот на настаните го цитираат министерот дека убиената Вања Ѓ. е најдена закопана во околината на Скопје и дека татко ѝ бил вмешан во нејзиното киднапирање.
    – Министерството за внатрешни работи во координација и под раководство на државното обвинителство синоќа го расветли случајот, обезбедени се докази. Исходот не е каков што сите сакавме, за жал починати се две лица, малолетно лице и велешанец – едното во околината на Скопје, другото во околината на Велес – изјави министерот Оливер Спасовски.
    Наедно се цитира министерот дека во врска со овие два случаи се осомничени пет лица. Три лица се во притвор, едно е во странство, а петтото лице, таткото на малолетничката е сослушан.
    – Спроведовме истрага, а ќе бидат преземени мерки по наредба на обвинителството. Мотивот е личен интерес, при што едно од лицата во договор и со знаење на член на семејството го организирало извршувањето на кривичното дело за да изнуди пари од мајката. Сите инволвирани сакале да имаат материјална корист – рече Спасовски.

Словенија

Веста за убиството на Вања Ѓорчевска, како и детали за истрагата и обвинетите, ја пренесоа и повеќе словенечки медиуми.
Според словенечкиот медиум „Дневник“, истрагата покажала дека таа била киднапирана надвор од нејзиното живеалиште, а во киднапирањето учествувал и нејзиниот татко.
– Петмина осомничени се поврзани со исчезнувањето на тинејџерката, но сѐ уште не е јасно што точно се случило и зошто. Многу прашања остануваат неодговорени, а приказната станува сѐ посложена. Според државното правобранителство, се наведува дека насилната смрт на Вања е поврзана со убиството на 74-годишниот пензиониран бербер Панче Жежевски од Велес, кој исчезна пред две недели, а два дена подоцна, во петокот на 24 ноември, беше пријавен за исчезнат. Неговиот автомобил минатата недела беше пронајден запален на периферијата на Скопје: било откриено дека тоа е возилото со кое било киднапирано четиринаесетгодишното девојче – пишува „Дневник“.
Словенечкиот медиум наведува дека граѓаните си ги поставуваат прашањата каква била врската меѓу ученичката и пензионираниот бербер и што би можеле да сакаат злобниците од нив.
– Јавноста беше дополнително изненадена, дури и вознемирена од изјавите на државното правобранителство дека мотивот зад нивната насилна смрт е личен интерес – пишува „Дневник“. Д.Ст.