Фото: Игор Бансколиев

Историски ден за македонската црква, но и за македонската нација

На Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј, 24 мај 2022, во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, српскиот патријарх г.г. Порфириј го објави благословот на барањето на МПЦ-ОА за автокефалност, на заедничкото сослужување со архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.
– Благодарение на вашите молитви воспоставивме единство, а сега браќа и сестри ви носиме уште една радост – Светиот архијерејски собор на Српската православна црква едногласно излезе во пресрет на барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Соборот на нашата црква ја благословува и одобрува автокефалноста на МПЦ-ОА – рече српскиот патријарх Порфириј пред достоинствениците на МПЦ-ОА, присутните достоинственици од СПЦ и верниците на литургијата во Соборниот храм во Скопје.
Објавувањето на прифаќањето и признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на српскиот патријарх Порфириј, всушност, го најави упатувањето томос за автокефалност во Вселенската патријаршија од Македонската православна црква – Охридска архиепископија. На сослужувањето, српскиот патријарх истакна дека „Светиот собор на нашата црква се става на должност на Синодот, заедно и во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод да ги разработат сите техничко-организациски детали и ќе следува свеченото прогласување со официјален акт, а потоа сите помесни православни цркви ќе бидат известени и ќе бидат повикани да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА“.
Соопштувањето на одлуката на Соборот на СПЦ беше проследена со долг и громогласен аплауз од верниците што се наоѓаа во и околу соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
Македонскиот поглавар г.г. Стефан им се заблагодари на членовите на Светиот архијерејски собор на СПЦ за признавањето на автокефалноста на МПЦ. Тој во говорот истакна дека црквата е соборна затоа што не се ограничува од никакво место, ниту време ниту народ.

– Педесет и пет години седевме и чекавме во тремот и не наоѓајќи некој да се погрижи некој за нас. Потоа ни пристапи друг човек, нашиот собрат денешниот сослужител, неговата Светост, српскиот патријарх Порфириј и, еве сега имаме и кој да ни нацрпи вода од кладенецот на Јаков и сите ќе видат колку е нашата нива плодна и дека посеаното стигна за жетва. Сега целосно ги гледаме сите убавини на рајот затоа што имаме со кого да ги споделиме и не тагуваме веќе како Адама, туку се радуваме како апостолите на денот на педесетицата опиени од слаткиот пијалак на заедницата и братската љубов. Зашто само вака подготвени можеме со радост да го чекаме и денот на Духот Свети оти љубовта кога се споделува таа се премножува – ја искажа благодарноста архиепископот г.г. Стефан, за црковното обединување и прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од СПЦ, кое се случува по 55 години разединетост, од 1967 година.
Процесот на прифаќање на долгопосакуваното единство на православните цркви започна на 9 мај, годинава, со отстранување на шизмата (расколништвото) на МПЦ-ОА од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој повика да се уредат односите со СПЦ. Важен сигнал за приближувањето на СПЦ и МПЦ-ОА беше заедничкото сослужување на достоинствениците од двете цркви на 19 мај, во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград.
Архиепископот г.г. Стефан, на литургијата во Соборниот храм во Скопје, соопшти дека во Вселенската патријаршија го примиле „нашето благодаствено писмо и на Духовден (на 12 јуни) нашите архијереи ќе сослужуваат во храмот на Вселенската патријаршија во Фанар“ (во Константинопол, денешен Истанбул).
– Еве, и во навечерието на ова торжество на љубовта, ни пристигна уште една радост – блага вест од Царицата на градовите – Константиновиот град: примено е нашето благодарствено писмо и нашата молба за сослужение е прифатена – па на роденденот на Црквата, на Педесетница, ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија во Фанар – истакна архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.


Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА

Радосна вест за сите граѓани од православна вероисповед

Претседателот Стево Пендаровски, по повод донесената одлука од Соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ја упати следната порака:
„Упатувам честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од Соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следува по одлуката на Вселенската патријаршија за прием на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење.
Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе заврши со скоро потпишување на томосот од вселенскиот патријарх, г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“.


Честитка од премиерот Димитар Ковачевски

Автокефалноста на МПЦ-ОА е историска вест и автентичен дел на македонскиот идентитет

Премиерот Димитар Ковачевски, упати честитка по повод автокефалноста на Македонската православна црква.
„Почитувани граѓани,
Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет. Се радуваме заедно со сите православни христијани во нашата земја на историската вест, со која Македонската православна црква – Охридска архиепископија се стекнува со автокефалност.
Оваа со векови очекувана вест е соопштена денеска на заедничката служба со Српската православна црква, на која патријархот Порфириј соопшти дека одлуката МПЦ-ОА да биде прифатена како автокефална црква ќе биде предложена пред Вселенската патријаршија, со препорака таа да биде прифатена од сите православни цркви.
Нека е честит овој голем ден за сите православни верници и за сите граѓани“.


Честитка од лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски

Да чекориме обединето кон заштита на нашиот идентитет

Голем ден за нашата света Македонска православна црква – Охридската архиепископија. Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештенството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежиња ќе бидат премостливи. Да продолжиме да чекориме обединето.
Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан за градењето мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови.
По одлуката на Вселенската патријаршија, како и оваа денес, сведоци сме на историја важна за нашиот народ и нашата Македонија!
Нека е за многу години!