Застрашувачки бројки соопштуваат деновиве здравствените власти во Белгија, кои го ставаат Брисел на непопуларното високо место во европски рамки според бројот на новозаразени од коронавирусот. Поради зголемувањето на бројот на случаи во Брисел, градските власти одржаа седница на којашто беа предложени и усвоени дополнителни мерки за Бриселскиот регион. Интересно е дека на ниво на цела Белгија мерките се олабавуваат, а за Брисел дополнително се заоструваат. Според истрагата на Здравствениот инспекторат, потеклото на инфекцијата доаѓа од кафулињата и баровите како главни извори, па затоа мерките најмногу ги засегаат токму нив

Состојбата со коронавирусот во главниот град на Белгија загрижува

Застрашувачки бројки соопштуваат деновиве здравствените власти во Белгија, кои го ставаат Брисел на непопуларното високо место во европски рамки според бројот на новозаразени од коронавирусот.
Имено, пред два дена официјално е соопштено дека помеѓу 17 и 23 септември, дијагностицирани се 10.701 нов случај на ковид во Белгија. Од тие 4.580 (43 отсто) се пријавени во Фландрија, 3.759 (35 отсто) во Валонија и 2.355 (22 отсто) во Брисел. За 7 од нив местото на живеење не е утврдено. Како што е веќе објавено, Белгија од минатата недела е ставена во „црвената зона“ на мапата на ЕУ за ковид-19. Ова се должи на драстичното зголемување на новозаразени, со предупредување за трендот од висок ризик за инфекција.
Она што особено загрижува е податокот дека бројот на инфекции во Брисел е двојно поголем од остатокот од Белгија. На секои 100 теста во Брисел 9,7 отсто се позитивни, а во остатокот од земјата 4,7 отсто.
Поради зголемувањето на бројот на случаи во Брисел, градските власти одржаа седница на којашто беа предложени и усвоени дополнителни мерки за Бриселскиот регион. Интересно е дека на ниво на цела Белгија мерките се олабавуваат, а за Брисел дополнително се заоструваат.
Според истрагата на Здравствениот инспекторат, потеклото на инфекцијата доаѓа од кафулињата и баровите како главни извори, па затоа мерките ги засегаат токму нив.
– Кафулињата и баровите од вчера мора да затвораат во 23 часот наместо во 1 часот по полноќ.

– Рестораните не мора да затвораат порано.
– Забрането е собирање во поголеми групи помеѓу 23 и 6 часот наутро: не повеќе од десет лица можат да бидат заедно на јавно место.
– Обврската за користење маски ќе се регулира од страна на општините. Секоја општина ќе биде задолжена да ги објави сите прометни места и улици за коишто ќе важи обврската. Тие се, исто така, задолжителни во близината на училиштата.
– Секој мора да има маска со себе на територијата на регионот. Оние што немаат маска со себе (во џебот), ризикуваат казна од 150 евра.
Мерките ќе се евалуираат по три недели.
Новите мерки беа прифатени со негодување од страна на сопствениците на кафулињата и баровите и од страна на некои од младите. Првиве сметаат дека ги почитувале правилата и протоколите, а сепак страдаат со новиве мерки. Младите, пак, како најпогодени, велат дека се свесни за постоењето на вирусот и се труделе да ги почитуваат мерките. Од друга страна, пак, еден дел од нив, велат дека одлуката нема да ја постигне саканата цел, бидејќи тие ќе се собирале во затворени простории по 23 часот за да се дружат и забавуваат. Мерките, според нив, нема да ги спречат во нивните намери и потреби за дружење.

Бриселското метро е полупразно и сите носат маски. По улиците низ центарот на градот, исто така, безмалку сите ги почитуваат правилата во текот на денот. Забрането е влегување во супермаркет или бутик без маска и сите мора да ги почитуваат правилата, инаку нема да влезат.
По сета веројатност, а и според истражувањето на градските власти во асистенција со здравствените работници, вирусот најмогу се шири навечер, во кафулињата и баровите, и можеби затоа најпогодена старосна група се младите од 20 до 29 години.
Инаку, на ниво на цела Белгија, минатата недела просечно имаше 1.529 нови случаи, што е за 24 отсто повеќе од претходната недела. Во болниците лежат 626 пациенти, а 120 од нив добиваат интензивна нега; регистрирани се просечно по 4 смртни случаи дневно во целата земја.

Лорета Трајкоска специјално за „Нова Македонија“ од Белгија