Заев на средба со американската амбасадорка Брнз

Премиерот, Зоран Заев, денеска се сретна со американската амбасадорка Кејт Брнз, која му го претстави новиот заменик-амбасадор на САД, Ерик Мејер.

Заменик-амбасадорот на САД изрази задоволство од доаѓањето во земјата позитивно оценувајќи ги условите за зголемена економска соработка и обезбедување економски просперитет на сите граѓани во земјата.

Заев истакна дека Владата успешно ја остварува реформската и економската агенда, следејќи ги политиките на отворен дијалог со земјите од регионот.

– Нашата посветеност за демократизација на земјата, почитувањето на правото и искоренување на корупцијата е силна и со огромен ангажман. Условите за инвестирање стануваат се поповолни и се забележува зголемување на динамиката на домашни и странски инвестиции. Нашата основна определба, следејќи ја владината програма е да обезбедиме економски просперитет на нашите граѓани, поттикнување на економскиот раст и давање сериозни причини на младите да не ја напуштат татковината – рече премиерот Заев подвлекувајќи дека поддршката од САД е огромна во насока на реализирање на реформите во областа на владеење на правото, обезбедување одржлив раст, поттикнување на конкурентноста, зајакнување на човечките ресурси и дигитализација на економијата.

На средбата беа поздравени одржливите политики и иницијативи на отворен дијалог со соседите, поттикнување на економската соработка и продолжување на патот за остварување на евроинтеграцијата на Македонија.