Рамковниот договор го издржа тестот на времето, иако е далеку од совршен. Ако во него бараме пропусти, тогаш, според мене, најголемата грешка беше тоа што под притисок на крајно неповолната динамика од настаните на теренот, учесниците во преговорите воопшто немаа време да се посветат на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници и поради тоа договорот со право е оквалификуван како бинационален, а, тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество, рече претседателот, Стево Пендаровски, на конференцијата „По Охрид”, која се одржа по повод одбележувањето на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Во хетерогена политичка заедница како нашата, додаде тој, бинационалниот не смее да биде замена за автентичниот мултинационален модел кој треба да го развиваме.

Пендаровски рече дека во изминативе 20 години во неговиот став за договорот нема промени.

– И тогаш и денес сметам дека тоа беше најдобриот можен одговор на политичкото раководство на тогашниот внатрешен безбедносен, политички и историски контекст. Солиден аргумент во прилог на оваа теза е дека и тогаш и денес, дури и неговите најголеми критичари не се во состојба да понудат оддржлива алтернатива на неговата базична логика. При тоа, успехот во имплементација на договорот, кој е неспорен, не се должи на неговата беспрекорна нормативна структура или на уникатните политички решенија, затоа што неговите клучни одредници, со мали модификации, ги има во сите такви, слични документи со кои завршуваа конфликтите, не само во нашиот регион, на пример, во Договорот за мир во Северна Ирска од 1998-та – рече Пендаровски.

Претседателот кажа дека за Охридскиот договор коментарите надвор од земјата биле позитивни, речиси, без исклучок, меѓутоа, внатре во земјата, тие биле различни.

– За жал, ставовите за договорот, и по 20 години, најчесто се поврзани со етничката припадност на граѓаните или политичарите – рече Пендаровски.

Сепак, додаде тој, и во тие рамки, постои и една позитивна тенденција.

– Во првите неколку години по потпишувањето, мнозинството етнички Македонци го ставаа договорот во групата на најголемите безбедносни закани за државата. Нивниот став произлегуваше од стравот дека имплементацијата на Рамковниот договор ќе го трасира патот за брза дезинтеграција на земјата затоа што Македонија за Албанците, наводно, е само транзиторен ентитет. Меѓутоа, она што се случуваше во годините потоа, покажа дека иако потенцијалот на договорот за засилување на кохезијата во општеството во целина, не е голем, факт е дека со секоја фаза од неговата имплементација не се зголемуваа, туку, напротив, се намалуваа внатрешните конфронтации по етнички линии. Дури и повеќе, политички и безбедносни тензии, од време на време се јавуваа поради контрадикторните интерпретации на неговите клучни одредби, а, не заради имплементација на договорот. Денес, во сите анкети, Рамковниот договор или не фигурира како безбедносна закана или се наоѓа сосема долу на листата на негативни безбедносни индикатори – рече Пендаровски.