Фото: „Нова Македонија“

НОВАТА ДОКТРИНА НА САД ЗА БАЛКАНОТ ПРЕКУ КОНКРЕТНИ И ОПИПЛИВИ ПРОЕКТИ

  • Според новата доктрина на САД за Балканот, Вашингтон се обидува да ја претвори стабилноста во економски интерес. Зад приказната за „Јужната интерконекција“ не стои само енергетиката. Вашингтон се обидува преку стратешки инфраструктурни проекти да ја зачува дејтонска Босна и да создаде нов модел на стабилност на Западен Балкан

Додека вниманието на европската јавност е насочено кон војната во Украина, Блискиот Исток и внатрешните кризи во Европската Унија, во Босна и Херцеговина тивко се одвива еден од најважните геополитички процеси на Балканот. Проектот „Јужна интерконекција“, формално претставен како енергетски коридор што треба да ја поврзе Босна и Херцеговина со терминалите за течен природен гас на хрватскиот брег, во суштина претставува многу повеќе од обичен гасовод.
Тој е дел од поширока американска стратегија чија крајна цел е зачувување на дејтонската архитектура, спречување на распадот на БиХ и изградба на нов систем на економска и енергетска меѓузависност, кој треба да стане гаранција за мирот во земјата.
Последните случувања околу американската компанија „ААФС инфраструктура и енергија“, поврзана со кругови блиски до администрацијата на Доналд Трамп, откриваат дека официјален Вашингтон не се откажал од стратешката цел Босна да остане функционална и единствена држава и да го спречи потенцијалот да произведе“ домино- ефект“ на Балканот, извезувајќи нестабилност во регионот.

Континуитет на американската политика

Особено е значајна изјавата на Стејт департментот дека „Јужната интерконекција“ е приоритет на американската влада во последните три администрации.
Оваа реченица е клучна бидејќи покажува дека проектот не е импровизација на актуелната администрација, ниту пак резултат на приватни интереси на поединци блиски до Трамп. Напротив, станува збор за долгогодишна американска политика, која започнала уште пред враќањето на републиканците во Белата куќа. Зад оваа енергетска логика (освен онаа во која е Русија) стои уште поважна политичка пресметка. Во Вашингтон одамна постои процена дека економски поврзаните региони потешко влегуваат во конфликти. Колку повеќе инфраструктура, инвестиции и заеднички економски интереси постојат меѓу различните етнички и политички центри во БиХ толку е помала веројатноста за дестабилизација на земјата.

Новиот балкански модел: Стабилност преку економија

Американските дипломати со години се обидуваа стабилноста во БиХ да ја одржат преку класични политички механизми – притисоци, санкции и посредување меѓу етничките лидери. Резултатите беа ограничени. Оттука доаѓа новиот пристап, а тоа е – стабилност преку капитал.
Планот предвидува изградба на гасовод вреден околу 300 милиони евра, дополнет со инвестиции од уште 900 милиони евра во три енергетски централи. Вкупната вредност од над милијарда евра е меѓу најголемите инфраструктурни вложувања во постдејтонска Босна.
Особено е значајно што финансирањето треба да дојде преку приватен капитал и кредитни линии, а не преку босанскиот буџет. На тој начин Вашингтон се обидува да избегне внатрешни политички блокади и долги институционални процедури што со години ги кочат големите проекти во земјата.
Логиката е едноставна: ако политиката не може да ја обедини БиХ, можеби тоа ќе го направи економијата.

Извештајот до Конгресот и новата балканска стратегија

Овој пристап не е случаен. Неодамнешниот извештај на Стејт департментот доставен до американскиот Конгрес го дефинираше Западен Балкан како регион во кој енергетската инфраструктура и интерконективноста треба да станат клучни инструменти за зајакнување на стабилноста.
Во документот посебен акцент беше ставен на диверзификацијата на енергетските извори, намалувањето на зависноста од Русија и поврзувањето на балканските држави со европските и трансатлантските енергетски мрежи.
Во таа смисла, „Јужната интерконекција“ е практична имплементација на пошироката стратегија.
Не станува збор само за гас што ќе пристигнува преку Хрватска. Станува збор за создавање нова геополитичка реалност во која Босна ќе биде подлабоко интегрирана во западниот енергетски систем, а со тоа и во западниот безбедносен и политички простор.

Зошто Вашингтон не сака распад на БиХ

Иако во јавноста често се појавуваат шпекулации дека новата американска администрација би можела да биде потолерантна кон националистичките агенди во регионот, случувањата околу „Јужната интерконекција“ упатуваат на спротивен заклучок.
Дури и најголемите критичари на Милорад Додик признаваат дека зачувувањето на функционална БиХ останува американски приоритет. Особено е индикативна изјавата на висок српски функционер од БиХ, кој тврди дека американските претставници на сите страни им испратиле јасна порака: „Не допирајте го проектот“.
Тоа практично значи дека Вашингтон не сака да дозволи внатрешните етнички конфликти да го загрозат проектот. За американската дипломатија, гасоводот станува инструмент за зачувување статус кво, а не средство за негова промена. Доколку Босна остане единствена енергетска целина, тогаш и политичките аргументи за нејзина поделба стануваат послаби.

Додик меѓу Путин и Вашингтон

Најинтересен аспект од целата приказна е улогата на Милорад Додик. До неодамна тој беше една од главните цели на американските санкции. Администрацијата на Џо Бајден го обвинуваше за корупција и активности што ја поткопуваат дејтонската структура. Но денес, и покрај неговите врски со Москва и блискоста со Владимир Путин, Вашингтон покажува подготвеност за прагматична соработка сè додека не ги блокира клучните енергетски проекти.
Посетата на Доналд Трамп Јуниор на Бања Лука и сигналите што потоа ги испрати Додик укажуваат дека е постигнат одреден вид премолчен договор. Не за независност на Република Српска, туку за ненарушување на американските стратешки интереси.
Токму затоа предупредувањето на поранешниот американски амбасадор Мајкл Марфи дека „се игра со оган“ треба да се чита како страв дека локалните лидери би можеле да ја искористат американската прагматичност за сопствени политички цели.

Мир преку зависност, а не преку закани

Американската стратегија за Балканот постепено се менува. Деведесеттите години од минатиот век беа обележани со воени интервенции. Двете децении потоа со дипломатски притисоци и санкции. Новата фаза се темели на економска и енергетска интеграција.
Вашингтон очигледно пресметал дека долгорочниот мир во БиХ не може да се одржува бесконечно преку меѓународни претставници, санкции и политички посредувања. Потребни се материјални интереси што ќе ги натераат сите страни да имаат корист од стабилноста.
Токму затоа „Јужната интерконекција“ е многу повеќе од гасовод. Таа е тест за новата американска доктрина на Балканот – зачувување на дејтонска Босна преку создавање заедничка економска иднина наместо преку постојано управување со нејзините политички кризи.
Ако проектот успее, Вашингтон ќе добие силен доказ дека инфраструктурата и енергетиката може да бидат еднакво важни инструменти за мир како што некогаш беа дипломатијата и воената сила. Р.С.