Второто издание на меѓународниот фестивал „Гласот на гајдата“ ќе се одржи утре, со почеток во 19.30 часот, во Музејот на Град Скопје.
Фестивалот има цел да ги претстави гајдаџиите и различните видови гајди од светот, како и да придонесе за зачувување и промоција на македонската музичка традиција. На годинашното издание ќе настапат Петре Ѓорѓиевски од Австралија, Витал Воранау од Белорусија, Венцислав Андонов од Бугарија и Бил Кол од САД.
Според директорот на фестивалот, истакнатиот инструменталист и промотор на македонската музичка фолклорна традиција Стефче Стојковски, посетителите ќе можат да уживаат во интересна, специфична и разновидна програма каква што македонската публика досега немала можност да проследи.
– Програмата ќе биде исклучиво во изведба на гајди, што претставува навистина ретка можност публиката на едно место да види и да слушне различни гајдаџии. Сите изведувачи се врвни инструменталисти и вистински мајстори. Во секое наредно издание сакаме да воведуваме новитети, да понудиме нешто поинакво и да не го повторуваме она што било претставено претходната година – вели Стојковски.
Минатогодишното издание на фестивалот беше посветено на темата „Како традицијата се пренесува од дедо на внук, од татко на син“. Најмлад учесник беше деветгодишниот Филип Златаноски, кој настапи со својот дедо, како пример за негување и пренесување на семејната традиција.
– Настапија три семејства во кои гајдаџиската традиција се пренесува од татко на син. Меѓу нив бевме јас и син ми Теодор Стојковски Катин, Горан Ангелов со синот Александар од Штип и Синиша Грујоски со синот Теодор од Кичево. Учествуваа и Гоце Димовски од Зелениково и Љупчо Најдоски од Македонски Брод. Годинава новитет се странските гајдаџии и различните видови гајди, како и новите учесници од Македонија: Вили Михајловски од Куманово, Душан Томовски од Скопје и Роберт Митров од селото Јаргулица, Радовишко – информира Стојковски.
Фестивалот настојува да ја истакне и посебноста на македонската гајда, која се издвојува со својата форма, начинот на изработка и карактеристичниот звук.
– Македонската гајда е специфична и се разликува од другите гајди во светот според формата, автентичниот звук и традицијата на двогласно или трогласно свирење. Самиот изглед, структурата, начинот на изработка, тонскиот низ, писките, гајдарката или клепарката, брчалото и дулецот или дувалото ја издвојуваат македонската гајда од другите видови гајди – објаснува Стојковски.

Целта на „Гласот на гајдата“ е зачувување, негување и промовирање на традицијата на свирење на гајдата, обединување различни генерации инструменталисти, меѓународна афирмација и воспоставување соработка и културен дијалог со гајдаџии од различни земји. Фестивалот има ревијален карактер, но исполнува и значајна едукативна улога.
„Гласот на гајдата“ е отворен за сите посетители, а билетите по симболична цена ќе може да се набават непосредно пред почетокот на настанот во Музејот на Град Скопје.

Организаторите изразија благодарност до поддржувачите на фестивалот и очекуваат голем интерес од публиката, со надеж дека „Гласот на гајдата“ во иднина ќе продолжи да расте и ќе добие поголема медиумска покриеност и институционална поддршка. Ф.Д.



































