Бугарија се обидела да ги исполни критериумите за влез во еврозоната преку административни трикови, а не преку вистинско економско зајакнување
Само неколку месеци по официјалното приклучување кон еврозоната на 1 јануари 2026 година, Бугарија се најде во непријатна позиција да биде предмет на „постапка за прекумерен дефицит“ што ќе ја покрене самата ЕУ. Наместо да го слави историскиот чекор кон подлабока европска интеграција, Софија денес се соочува со сериозни прашања за кредибилитетот на сопствените економски показатели и за реалната подготвеност на државата да функционира според стандардите и правилата на еврозоната, што се опипливи, со конкретни показатели и се мерливи, а се далеку од политички или идеолошки.
Во врска со ова бугарскиот премиер Румен Радев предупреди дека „Европската комисија на 3 јуни ќе објави извештај што би можел формално да ја отвори постапката поради прекумерен дефицит“.
Обвинувања од ЕУ за бугарски манипулации и „нашминкани“ бројки
Особено се загрижувачки обвинувањата дека претходната влада на Росен Жељазков користела „нереални проекции и административни интервенции за да ги исполни критериумите потребни за влез во еврозоната“, велат наши соговорници, финансиски експерти од Брисел. Имено, според нив, користејќи сѐ уште еуфемизми за да ги ублажат фалсификатите на официјална Софија, тие тврдат дека „бугарските власти проектирале оптимистички приходи што не биле поткрепени со реалната состојба во економијата“. Дополнителни сомнежи предизвикаа информациите за драматичното намалување на државно регулираните болнички трошоци и цените на железничките билети, потези што директно влијаеле врз статистичките показатели за инфлацијата.
Доколку овие тврдења се покажат како точни, тогаш станува збор за сериозен удар врз довербата во институциите и врз самиот процес на европска интеграција. Наместо суштински реформи, Бугарија би оставила впечаток дека се обидела да ги исполни критериумите преку административни трикови, а не преку вистинско економско зајакнување.
Еврозоната не е политички трофеј
Според нашите соговорници, финансиски експерти што работат во Брисел, влегувањето во еврозоната не треба да биде политичка награда ниту геополитички симбол. Тоа претставува обврска за финансиска дисциплина, стабилност и институционална зрелост.
– Токму затоа оваа состојба во Бугарија отвора непријатни прашања. Како е можно држава што штотуку ги исполнила условите за приклучување веќе да се соочува со ризик од санкции? Како е можно дефицитот, според прогнозите на Европската комисија, да достигне 4,1 проценти од БДП во 2026 година и да продолжи да расте? Овие бројки покажуваат дека проблемите не се привремени, туку структурни. Наместо стабилност, Бугарија демонстрира ранливост. Наместо предвидливост, се појавуваат сомнежи за долгорочната одржливост на јавните финансии – тврдат нашите соговорници.
Прва земја со ваков преседан
Доколку постапката биде официјално отворена, а голема е веројатноста да биде, Бугарија би можела да стане првата држава што само неколку месеци по влезот во еврозоната ќе се соочи со корективниот фискален механизам на Унијата.
– Тоа би било сериозен политички и економски удар не само за Софија туку и за европските институции што го поддржаа нејзиното приклучување – тврди нашиот соговорник од Брисел.
Таквиот развој би ги зајакнал аргументите на оние што предупредуваа дека политичката желба за проширување нереално добива предност пред строгата процена на реалната подготвеност на кандидатите и исполнувањето на критериумите и стандардите што се реални мерливи бенчмаркови, далеку од политичките паушални ставови на дел од носителите на највисоките функции во ЕУ. Европската Унија е изградена врз правила, а не врз политички желби. Доколку една земја не може доследно да ги исполнува преземените обврски, тогаш неизбежно се нарушува довербата во целиот систем.
Вистинскиот предизвик започнува по приемот
Случајот со Бугарија претставува предупредување и за другите држави од Балканот што се стремат кон подлабока европска интеграција.
– Членството во европските институции не е цел сама по себе. Вистинскиот предизвик започнува по приемот, кога државата мора секојдневно да докажува дека поседува функционални институции, стабилни јавни финансии и способност да ги почитува заедничките правила. Бугарската криза покажува дека европските критериуми не смеат да бидат формалност, туку суштинска проверка на подготвеноста на една држава. Во спротивно, наместо приказни за европски успех, се добиваат приказни за разочарување, санкции и изгубена доверба.
Редакциски осврт
Бугарија не може да биде учител по европски вредности
- Држава што се бори со корупција, политичка нестабилност и институционална криза нема морално право да им држи лекции на своите соседи
Додека Брисел подготвува нова постапка против Бугарија за „прекумерен буџетски дефицит“,во европската јавност сѐ погласно се поставува прашањето како држава што со години се соочува со сериозни проблеми со корупцијата, нефункционалните институции и политичката нестабилност успева да се претставува како арбитер за европските вредности на Балканот. Па уште да има обврска да ѝ помага на Македонија во евроинтегративниот процес?!
Речиси цела деценија Бугарија е меѓу државите што редовно се соочуваат со критики за слабости во владеењето на правото. Земјата помина низ серија предвремени избори, политички блокади и влади со краток рок на траење. Наместо стабилен демократски систем, јавноста беше сведок на постојани политички пресметки, недоверба во институциите и хронична неспособност за спроведување длабоки реформи.
Во такви околности тешко е да се избегне впечатокот дека официјална Софија често ги користи билатералните спорови како средство за одвлекување на вниманието од сопствените внатрешни проблеми.
Особено контроверзен останува односот кон Македонија. Наместо да биде двигател на европската идеја на Балканот, Бугарија во изминатите години инсистираше на барања што многумина ги оценуваат како мешање во прашања поврзани со националниот идентитет, јазикот и историскиот ревизионизам.
Во европската практика речиси не постои пример една земја членка да поставува услови што навлегуваат во сферата на националниот идентитет на друга држава. Токму затоа бугарските позиции предизвикуваат реакции не само во Македонија туку и кај голем број европски аналитичари, кои предупредуваат дека таквиот пристап создава опасен преседан за иднината на процесот на проширување.
Македонскиот јазик денес е меѓународно признаен и кодифициран јазик. Македонскиот народ е политичка и историска реалност признаена од огромното мнозинство држави во светот. Обидите овие прашања повторно да се отвораат во рамките на евроинтегративниот процес не придонесуваат за добрососедство, туку создаваат дополнителни поделби и недоверба.
Уште поголем парадокс е што ваквите барања доаѓаат од држава што самата се соочува со сериозни предизвици во исполнувањето на европските стандарди. Корупциските скандали, кризите во правосудството, честите политички турбуленции и сега ризикот од европски санкции поради прекумерен буџетски дефицит отвораат прашања за вистинските приоритети на бугарската политика.
Никој не тврди дека Бугарија нема право да ги брани своите национални интереси. Тоа право го има секоја суверена држава. Но постои суштинска разлика меѓу заштитата на националните интереси и обидот тие интереси да се претворат во предуслов за негирање или преиспитување на идентитетот на соседниот народ.
Европската Унија е создадена како проект на помирување, а не како инструмент за историски ревизии. Нејзината сила отсекогаш била во почитувањето на различностите, а не во нивното оспорување. Токму затоа денес најголемото прашање не е дали Македонија ги исполнува европските критериуми. Прашањето е дали некои од политичките елити во Бугарија се подготвени да ги прифатат европските принципи на еднаквост, заемна почит и немешање во правото на самоидентификација.
Држава што се соочува со сопствени институционални слабости, политички кризи и економски проблеми најпрво треба да ги решава сопствените недостатоци. Кога ќе го постигне тоа, тогаш може да биде бенчмарк или пример за другите земји кандидати за ЕУ. Само така може да биде кредибилен партнер. Европа не се гради со блокади, вета и историски ултиматуми. Европа се гради со доверба, почит и почитување на меѓународното право. А токму на тој испит, во последните години, Бугарија премногу често остава простор за сериозни сомнежи. Р.Н.М.



































