Тајните на најдобрите просветни работници: м-р Љупка Стојменова, училишна библиотекарка од Кочани
- Драги наши читатели, во чест на просветните работници, во оваа рубрика ви ги откриваме „тајните“ на некои од најдобрите наставници во Македонија. Во првиот циклус, до крајот на оваа учебна година, ќе ви претставиме десетмина наставници од различни места во нашата татковина, кои со својата посветеност, знаење, методи и инвентивни решенија го претвораат наставниот час во магија. Целта на рубриката е да ги афирмираме најуспешните и најинвентивни едукатори, кои со својата креативност ја прават наставата поинтересна, подинамична и поблиска до учениците. Преку нивните примери сакаме да споделиме конкретни идеи и методи што може да се применат во секоја училница
Денешната наша соговорничка, м-р Љупка Стојменова, е пример за тоа дека креативниот човек, кој има љубов кон децата, кон книгите и кон професијата, секогаш наоѓа вистински решенија за нештата да се движат во нагорна линија.
– Да се биде учител, не е само професија, тоа е позив. И кога само така ќе ѝ пристапиш на професијата, тогаш ќе знаеш дека си на вистинското место, зашто работата ќе биде задоволство, успесите неминовност, а најголемата награда ќе ти биде почитта од учениците. Наставник што се вложува максимално во работата, кој ја почитува личноста на ученикот, кој не генерализира и знае да постави граници и е праведен, е оној што го нарекуваат добар наставник – вели Стојменова.
Таа нешто повеќе од две децении работеше како наставничка по македонски јазик.
– Наставничката кариера почнав да ја градам во 2001 година во тогашното основно училиште „Мирче Ацев“ во с. Кучичино, денешно ПУ на ОУ „Климент Охридски“ – Облешево, општина Чешиново-Облешево. Имав можност да работам и во рурална и во градска средина, и во основно и во средно училиште. Посветеноста и работата донесоа многу награди, како за учениците така и на мене, што беше показател дека трудот се вреднува – вели Стојменова.
Од 2012 до 2022 година таа работеше како наставничка по македонски јазик во ООУ „Никола Карев“ во Кочани. Тие десет години може да се сметаат за најплоден период во нејзината работа. Во 2018 година се закити и со признанието „Просветен работник на годината“ од страна на Сојузот на просветните работници на Македонија и од МОН. Тоа беше резултат на долгогодишната работа со талентирани ученици и остварувањето високи резултати на општинско, регионално, државно и меѓународно ниво.
Но, просторијата полна со деца, Стојменова во 2022 година ја заменува со просторија полна со книги, станувајќи библиотекарка во своето матично училиште.
– Како македонист, а и човек од акција, сакав да направам некои промени во работењето на библиотеката. Во разговор со директорот Александар Андов, од кого ја добив поддршката во реализирањето на мојата идеја за изгледот и работата на училишната библиотека, почнавме во создавањето една модерна мултимедијална училишна библиотека – објаснува Стојменова.
Средбите со писателите – омилени за децата
Нејзината визија била библиотеката да биде срцето на училиштето – место каде што учениците не само што ќе читаат книги туку и ќе учат да размислуваат, истражуваат и создаваат. Таа си поставила цел преку нејзината работа секојдневно да ги доближува учениците до светот на знаењето, литературата и културата.
Во училишната библиотека при ООУ „Никола Карев“ учениците имаат можност да ја развиваат љубовта кон книгата, да стекнуваат нови знаења и да ја поттикнуваат својата креативност. Освен издавање и обработка на книги, библиотеката организира литературни читања, едукативни работилници, одбележувања на значајни датуми и активности за поттикнување на читачките навики кај учениците, особено од почетните одделенија.
– Искуството покажа дека покрај работилниците, „живите“ средби со писателите се од особена важност за доближувањето на книгата до децата, зашто преку овие средби тие не се запознаваат само со делото или творештвото на одреден автор туку кај нив се поттикнуваат и креативноста и желбата за создавање свое дело – појаснува библиотекарката Љупка.
За овие неполни четири години во училишната библиотека продефилирале еминентни автори за деца и млади не само од Македонија туку и пошироко. Некои од нив се Власта Цениќ и Александар Коциќ од Србија, Киро Донев, Јадранка Клисарова, Филип Димкоски, Иван Котев, Ксенија Маказлиева-Трајчева, Атанас Крлевски, Ристо Филчевски, Ацо Ѓоргиев, Лила Арсова, Наташа Брезовска-Богоевска…, а чести гости им се и роднокрајните автори од литературниот клуб „Копнеж“.
Современ центар за учење, информирање и комуникација
– Од особена важност е и соработката со издавачките куќи, кои овозможуваат дел од овие промоции и кои со свои донации го збогатуваат книжниот фонд на библиотеката. Училишната библиотека соработува и со други училишни, општински и национални библиотеки. Самиот простор (библиотека и медијатека) дава можности за разни активности. Опременоста со интернет, компјутери, телевизор овозможуваат реализација на различни проекти, но и непречена работа на медиумскиот клуб „Каревци“, кој работи под мое менторство – раскажува Стојменова.
Според неа, во денешното дигитално време, улогата на библиотекарот е уште поважна.
– Библиотеката не е само простор со книги туку и современ центар за учење, информирање и комуникација. Многу е важно учениците да ги научиме како правилно да ги користат информациите, да размислуваат критички и да го почитуваат пишаниот збор – нагласува таа.
Работата како библиотекар носи посебна одговорност, но и голема радост. Иако училишната мултимедијална библиотека при ООУ „Никола Карев“ – Кочани работи неполни четири години, нивната успешна работа е препознаена и наградена. „Библиотекар на годината Павлина Цунева Маказлиева 2024 година“ од Меѓународната литературна манифестација „Средба под јаворите Видое Подгорец“ и „Библиотека на година за основни училишта“ од Библиотекарското здружение на Македонија се плакети што го красат просторот во ова топло училишно катче.
– Сепак најголемата награда за мене како библиотекар е кога ќе се види ученик што со задоволство доаѓа во библиотеката, бара нова книга и покажува интерес за читање и учење. Училишната библиотека треба да биде место каде што секое дете може да пронајде инспирација, знаење и мотивација за личен развој, затоа и на училишните библиотеки не треба да се гледа само како на просторија во која се позајмуваат книги, туку таа треба да биде срцето на секое училиште -подвлекува м-р Љупка Стојменова.
Ф.Д.





































