Дискусијата за било какво име е празна содржина, ако прво не се исполнат предусловите на Владата, коментираат од кабинетот на грчкиот премиер во врска со натписите во медиумите и ги споменуваат грчките позиции за ерга омнес име и уставна ревизија.

Во соопштението испратено до медиумите, ја повторуваат вчерашната изјава на Алексис Ципрас по средбата со Зоран Заев дека поминат е голем дел од патот, но сѐ уште постои растојание што треба да се помине.

– Оттука, дискусијата за било какво име е празна содржина, ако прво не се исполнат двата основни предуслови, што ги има поставено владата, следејќи ја националната линија од почетокот на преговорите за името. Односно дека:
1.Ерга омнес со уставна ревизија е неопходен предуслов за да постои договор.
2. Спроведувањето на уставната ревизија е неопходен предуслов за интеграција во меѓународните организации (ЕУ-НАТО) – соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.