Технички проблем во производството на радиоизотопи, поврзан со циклотронот, е причината за моменталниот застој во работата на ПЕТ/КТ скенерот, информира Министерството за здравство, по обвинувањата од Левица за состојбата со апаратот.
Според Министерството, овластениот сервисер интензивно работи на отстранување на дефектот, а преземени се сите неопходни активности апаратот да биде вратен во функција во најкраток можен рок.
Од Министерството посочуваат дека актуелниот проблем е поврзан и со пропусти во одржувањето во изминатиот период. Како што наведуваат, не бил доследно следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, што вклучува редовно чистење и замена на маслото на секои пет години.
Според здравствените власти, станува збор за системски пропусти кои се акумулирале низ подолг период. Оттаму додаваат дека актуелното раководство веднаш по констатирањето на состојбата презело мерки за надминување на проблемот.
Министерството наведува дека, покрај тековното сервисирање, се преземаат и активности за набавка на нова опрема. Целта е здравствениот систем во иднина да не зависи од еден единствен ПЕТ/КТ апарат.
Особено внимание, според Министерството, е посветено на пациентите со онколошки заболувања. Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија веќе се информирани да извршат понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел застојот во работата на ПЕТ/КТ да не доведе до прекин или одложување на лекувањето.
Од Министерството за здравство велат дека се свесни за сериозноста на состојбата за пациентите и најавуваат транспарентно информирање на јавноста за сите чекори преземени за решавање на проблемот.

































