Фото: МИА

Квалитетот на водата од гостиварскиот водовод е блиску до ниво кое овозможува безбедно користење и пиење, информираат од Локалниот кризен штаб. Оттаму посочуваат дека резултатите од микробиолошките анализи се поволни, а последните мерења покажуваат дека и концентрацијата на хлор се враќа во дозволените граници.

Координаторот на Локалниот кризен штаб и член на Централниот кризен штаб, Зуди Џелили, вели дека конечната одлука за укинување на забраната за користење на водата за пиење треба да биде донесена по состанок на Централниот кризен штаб.

– Резултатите од микробиолошките анализи подолго време се добри, но проблем претставуваше зголеменото количество хлор, кој се користеше за дезинфекција на водата. Последните испитувања се прават токму за да се утврди неговата количина. Се надеваме дека деновиве, можеби утре или задутре, ќе се состане Централниот кризен штаб и ќе ја информира јавноста дека водата во Гостивар дефинитивно е безбедна за пиење – изјави Џелили за МИА.

Во меѓувреме, надлежните паралелно работат и на стабилизирање на водоснабдувањето во делови од општината каде што сè уште има низок притисок или недостиг на вода.

Интензивно се работи на завршување на резервоарот во селото Горна Бањица, проект кој, според Џелили, значително ќе го подобри водоснабдувањето во јужниот дел на општината. Со него треба да се подобри снабдувањето во Горна и Долна Бањица, Циглана и Фазанерија, каде што во текот на денот водоснабдувањето е ограничено.

Проблеми има и во селото Дебреше. Во еден дел од селото водоснабдувањето е ограничено, додека во друг дел има целосен недостиг на вода.

Во меѓувреме, состојбата се ублажува со цистерни, а на граѓаните им се дистрибуира и пакувана вода.

Денеска стручни екипи земале примероци од водата од седум пунктови низ градот, кои се испратени на дополнителни испитувања. Резултатите од овие анализи, заедно со проценката на надлежните институции, треба да бидат основа за одлуката дали и кога ќе биде укината забраната за пиење на водата од гостиварскиот водовод.