Фото: Макфакс

Претседателот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Томе Блажески, смета дека нема ништо спорно во името, иако пред седиштето има револтирани граѓани што протестираат против именувањето на клубот по цар што бил на чело на бугарската држава за време на Втората светска војна и окупацијата на СФР Југославија, а во нејзини рамки и на Македонија.

– Ние кажавме дека немаме никакво фашистичко движење или неонацистичко. Доколку имаме во иднина, може да ни суди државата. Ние го избравме името по последниот цар на Бугарите. Тој е важен за нас. Ние сме почитувачи на ликот и делото. Се политизира целата работа – посочи претседателот на клубот.

Тој додава дека во клубот ќе се промовира културата на бугарскиот народ и на Бугарите во Македонија.

– Ништо лошо не сме направиле. Регистриравме здружение во согласност со законот. Ние легално сите документи ги имаме дадено до државата Република Македонија. Никогаш не сме направиле ништо лошо против нашиот народ или државата. Тоа е наша држава, наш град. Тука живееме – додаде тој.