Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека на Македонија ѝ се потребни институции кои ќе размислуваат долгорочно и ќе работат врз основа на јасна визија, а не на краткорочни политички потреби.

На петтиот состанок посветен на Националната развојна стратегија 2024–2044, Мицкоски оцени дека документот претставува еден од најзначајните стратешки акти во поновата историја на државата, бидејќи е резултат на широк општествен консензус и вклученост на голем број експерти и институции.

 – Со години бевме принудени да размислуваме краткорочно и да решаваме проблеми од ден за ден. Денес имаме обврска да покажеме дека државата може да биде предвидлива, дека институциите можат да работат според план и дека развојот не смее да зависи од политичките циклуси – истакна премиерот.

Тој нагласи дека Националниот совет за развој претставува важна платформа каде што се обединуваат институциите, академската заедница, локалната самоуправа, бизнис-секторот и граѓанските организации со цел креирање политики што ќе имаат долгорочен ефект.

Според Мицкоски, повеќе од 1.200 претставници на различни засегнати страни учествувале во процесот на подготовка и спроведување на стратегијата, а дел од предвидените мерки веќе се реализираат.

Тој порача дека успехот на стратегијата нема да се мери според бројот на усвоени документи, туку според конкретните резултати за граѓаните – подобри работни места, повисоки приходи, поквалитетно образование, подобро здравство и поефикасни институции.

Во своето обраќање, премиерот посебен акцент стави на инвестициите, иновациите, дигиталната трансформација и развојот на човечкиот капитал, оценувајќи дека тие ќе бидат клучни фактори за конкурентноста на државата во следните две децении.

Мицкоски ја истакна и важноста на демографските политики, предупредувајќи дека ниту една економска или инфраструктурна реформа нема да има целосен ефект доколку младите продолжат да ја напуштаат државата.

 – Нашата цел е да создадеме услови младите да останат тука, да создаваат семејства и да веруваат дека нивните деца ќе имаат подобра иднина. Демографијата не е само статистика, туку прашање на национална одржливост – рече Мицкоски.

Тој оцени дека годишниот извештај за спроведување на Националната развојна стратегија претставува почеток на долгорочен процес кој ќе бара континуитет, политичка зрелост и посветеност на реформите.

 – Целта е во 2044 година да можеме да кажеме дека сме изградиле посилна, побогата, поправедна и поуспешна Македонија – држава на можности која не ја чека иднината, туку ја создава – порача премиерот.