Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) едногласно ја усвои новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030, документ што предвидува 113 мерки и 388 активности насочени кон намалување на корупциските ризици во клучни сектори.
Стратегијата ги опфаќа јавните набавки, надзорот над спроведувањето на законите, правосудството, транспортот и инфраструктурните проекти, просторното и урбанистичкото планирање, здравството, како и животната средина, енергетиката и природните ресурси.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, најави дека документот ќе биде доставен до Собранието за понатамошна постапка. Според него, стратегијата е резултат на обемен консултативен процес во кој учествувале претставници на институциите, граѓанскиот сектор, бизнис-заедницата, медиумите и меѓународните партнери.
– Во подготовката на стратегијата беа одржани седум консултативни состаноци и 14 работилници, на кои беа дефинирани приоритетните проблеми, стратешките цели и мерките за нивно надминување – рече Чучуљ.
За реализација на предвидените активности се проценува дека ќе бидат потребни околу 216,9 милиони денари, односно приближно 3,3 милиони евра.
Во областа на јавните набавки се предвидени 13 мерки и 44 активности со цел поголема транспарентност, зајакната контрола и поефикасно откривање и санкционирање на корупцијата.
Во делот на надзорот над спроведувањето на законите се планирани 19 мерки и 97 активности насочени кон подобрување на инспекцискиот надзор, јакнење на интегритетот на инспекциските служби и поефикасна контрола на финансирањето на политичките партии и кампањи.
Стратегијата предвидува и мерки за зголемување на независноста и ефикасноста на правосудството, поголема транспарентност во инфраструктурните проекти, заштита на јавниот интерес во урбанизмот и градежништвото, како и унапредување на интегритетот и отчетноста во здравствениот систем.
Во секторот животна средина, енергетика и природни ресурси фокусот е ставен на намалување на корупциските ризици преку зајакнување на контролите, институционалните капацитети и законската рамка.
Од ДКСК очекуваат стратегијата да придонесе за поефикасна превенција на корупцијата, зголемена отчетност на институциите и поголема доверба на граѓаните во системот.


































