Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повика на обединување околу заедничките цели – подобар живот, посилна економија и праведно општество, нагласувајќи дека на државата ѝ е потребно единство, а не нови поделби.

На свеченоста по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, под мотото „Победа, принципи и вредност“, Мицкоски истакна дека силата на македонскиот народ отсекогаш била во заедништвото.

 – Денес ни е потребно токму тоа – обединување. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат – рече премиерот.

Тој оцени дека низ историјата државата напредувала кога постоело заедништво околу државните и националните интереси, но изрази жалење што, како што рече, подадената рака за обединување често била одбивана.

Во говорот Мицкоски упати критики и кон дел од политичките опоненти, оценувајќи дека декларативно се залагаат за европска интеграција, но не ги поддржуваат реформските закони што се дел од европската агенда.

 – Таквиот нихилизам создава омраза и неконзистентност во ставовите. Политиката на кодошење на сопствената земја ги прави добри слуги на туѓи фактори, но не и пријатели на својот народ – изјави Мицкоски.

Премиерот повтори дека Македонија нема друга иднина освен интеграцијата во Европска Унија, но нагласи дека нема да прифати компромиси со националниот идентитет и достоинството.

 – Мора да разговараме за трајни решенија што ќе ни овозможат да одиме напред, а не за решенија што ќе остават товари на идните генерации. Пазар со идентитетот и достоинството никогаш нема да правам – порача Мицкоски.

Свеченоста беше организирана по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.