Светот станува потопол, а научниците предупредуваат дека тоа може да има сериозни последици за човештвото.
Нова студија, спроведена од научници од Германија и Кина, утврди дека до 2090 година една третина од населението на Земјата би можело да биде изложено на топлотни бранови и суши дури пет пати почесто отколку денес. Врз основа на достапните податоци за климата и екстремните климатски настани, научниците утврдија дека речиси 2,6 милијарди луѓе ќе бидат изложени на ризик пред крајот на овој век.
Зошто е важна таа комбинација? Кога сушата и топлината се совпаѓаат, влијанието што го имаат врз луѓето и животната средина е многу посилно отколку кога сме изложени само на едно. Не зборуваме само за бројот на смртни случаи поврзани со топлотен бран туку и за зголемениот ризик од шумски пожари, губењето на земјоделските култури и поголемиот ризик од социоекономска нестабилност.
Најтешко ќе бидат погодени тропските земји
– Топлината и сушата го интензивираат меѓусебното влијание – истакнува климатскиот научник Ди Каи од Океанскиот универзитет во Кина.
Комбинацијата од екстремно топли и суви услови води до ограничувања на водата и нестабилни цени на храната. За работниците што работат на отворено, овие услови се исклучително опасни.
Во својата студија, научниците комбинирале податоци од 152 климатски симулации базирани на осум различни климатски модели за да го проектираат растот на населението и климатските промени. Денешната ситуација сугерира дека температурите ќе се зголемат за 2,7 Целзиусови степени до 2100 година, што ќе доведе до сè повеќе екстремно топли и суви услови.
Моделот покажува дека до крајот на векот на целата планета ќе се соочиме со 2,4 пати посложени топли и суви настани, кои ќе траат речиси трипати подолго од денес. Најтешко ќе бидат погодени тропските земји и земјите со ниски приходи.
– Тешко е да се финансираат климатизацијата и здравствената заштита, тие немаат резерви ако снема вода. Не е во прашање само климатската наука туку и основните услови за живот. Моделите јасно покажаа – емисиите на стакленички гасови предизвикани од човековата активност во голема мера ќе бидат одговорни за континуираното зголемување на глобалната температура. Одлуките што ги донесуваме денес директно ќе влијаат на секојдневниот живот на милијарди луѓе во иднина – нагласува Каи.
Сепак, сè уште постои шанса да се ублажат прогнозите
Сепак, сè уште постои шанса да се ублажат ваквите мрачни прогнози. Анализата покажа дека ако целиот свет ги прифати и спроведе обврските од Парискиот договор, бројот на ранливи луѓе би можел да се намали за една третина. Така, уделот на глобалното население изложено на екстремно топли и суви услови би се намалил од 28 проценти на 18 проценти, односно би биле погодени 900 милиони помалку луѓе.
Затоа, научниците предупредуваат дека постои итна потреба да се дејствува и да се заштитат оние што се најизложени на климатските промени.
– Кога ќе достигнеме речиси 30 проценти од светското население што е погодено од ова, тоа е критично и треба да нè натера повнимателно да размислиме за нашите постапки во иднина. До крајот или средината на векот, моите деца можеби нема да можат да го доживеат животот што го имам јас сега – рече климатологот Моника Јонита од Институтот „Алфред Вегенер“ во Германија.































