Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека немал тајна средба со премиерот Димитар Ковачевски, но оти стои на располагање доколку го повика на јавна средба за усогласување во врска со техничката Влада, тоа да го направи. Според него, Талат Џафери не ја заслужува подршката на ВМРО – ДПМНЕ за технички премиер и во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес партијата би се воздржала од гласање.

– Не сум имал тајна средба. Тајните средби не се дел од мојот карактер. Доколку сака господинот Ковачевски да разговараме за техничката Влада или за некои други политички процеси што следат, стојам на располагање, само терминот да го усогласиме. Знаете дека јас одамна барам такви средби. Најпрво бев одбиван, па се правеа политички гимнастики на политичката сцена за на крај конечно да се случат тие средби и состаноци лидерски и да се дефинираат изборите. Не гледам зошто тоа би било далеку од лицето на јавноста. Ценам дека јавноста треба да биде запознаена. Мислам дека на народот му е преку глава од такви тајни средби, преговори и договарања – истакна Мицкоски на денешната прес-конференција на која беа соопштени инвестиции за развој во 15 општини предводени од ВМРО – ДПМНЕ.

Во однос на прашањето дали средбата би била пред одлуката за тоа, кои би биле технички министри, тој рече дека тоа зависи од организаторот на средбата, односно премиерот, оградувајќи се дека одлуката за учество на ВМРО – ДПМНЕ во техничката влада е негов личен став и оти допрва партиските тела треба да одлучуваат за тоа.

– Јас ниту ја барам средбата, ниту имам можност бидејќи се уште сум претседател на најголемата политичка партија, која се уште е во опозиција. Колку што знам крајниот термин за техничката влада е 28 јануари. И тој што планира да ја организира оваа средба има можност да ја организира, дали ќе бидат до тогаш персоналните решенија или нема да бидат кажани тоа е помалку важно. Тој што ја организира треба да каже термин и време да се усогласат распоредите – додаде Мицкоски.

Негов став рече дека е и тоа што Талат Џафери не заслужува поддршка од ВРМО – ДПМНЕ.

– Талат Џафери не ја заслужува подршката на ВМРО – ДПМНЕ за технички премиер, не ја заслужува поддршката за ништо Талат Џафери од ВМРО – ДПМНЕ. Најмногу што можеме во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес е да се воздржиме од било какво гласање, но тоа е мој став ќе видиме што ќе одлучат партиските тела – изјави Мицкоски.

Пред пет дена премиерот Ковачевски од Битола најави дека ќе побара средба со Мицкоски во врска со техничката влада откако ќе заседаваат партиските органи. Средбата рече дека нема да биде највувана преку медиуми, туку ќе била разговор за распределба на ресорите во техничката влада.