Фото: Данела Арсовска/Фејсбук

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на својот фејсбук-профил објави фотографија на која се гледа како седната покрај маса, игра шах со Дедо Мраз.

Нејзината објава следува откако за денеска беше најавено дека во Град Скопје ќе влезат инспектори на Финансиската полиција за да ја испитаат постапката за новогодишното украсување на главниот град, кое, предизвика лавина коментари и реакции во јавноста, а се отвори и прашањето дали за него бил распишан тендер.

Инспектори од Управата за финансиска полиција денеска влегле во Град Скопје за да проверат како е реализирано новогодишното украсување на главниот град, потврдуваат за МИА од Управата за финансиска полиција.

Од Управата за финансиска полиција не откриваат повеќе детали, нагласувајќи дека предистрагата е тајна и откако ќе заврши увидот, ќе излезат соодветни законски мерки.

– Имајќи предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица, Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот Јавен обвинител – велат од Управата за финансиска полиција

Арсовска минатата недела кажа дека за новогодишното украсување имало јавен повик, но не го потврди тоа со документ. Не ја откри ни фирмата која е задолжена за украсувањето. Единствено што кажа е дека годинава китењето на главниот град чини 30 илјади евра, а не 300 илјади евра како претходните години.