Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 35-годишнината од независноста на државата се осврна и на европскиот пат, нагласувајќи дека неговата цел е актуелната генерација да биде таа што ќе ја внесе Македонија во Европската Унија.
Мицкоски порача дека ЕУ нема алтернатива, но оцени дека пред државата стои уште еден предизвик – не да го заврши, туку да го започне патот кон членството. Според него, за тоа е неопходно прво да се изгради доверба.
– Јас посакувам и работам да сме генерацијата која ќе ја внесе државата во Европската Унија. Нема подобра алтернатива за државата, точно е тоа. Но истовремено секој од вас треба да знае дека има уште еден последен предизвик кој стои пред нас – не за да го завршиме патот, туку за да го почнеме – рече Мицкоски.
Тој порача дека довербата може да се изгради само преку прифаќање на фактите, посочувајќи ги пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на македонската заедница во Бугарија, правото на употреба на македонскиот јазик и, како што нагласи, прифаќањето на историските факти поврзани со македонскиот народ.
– Треба да престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница. Треба да престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик, треба да престане да се бараат корените на македонскиот народ како резултат на одлука на комунистичката Коминтерна, туку да се прифати факт кој е стар со векови – порача премиерот.
Според Мицкоски, без доверба нема ниту вистински дијалог.
– Тоа се факти од кои нема бегање и додека не ги прифатиме овие факти нема доверба, а кога нема доверба нема дијалог. Затоа, најпрвин ајде да создадеме доверба, а потоа да водиме дијалог. Дијалог без доверба не води никаде, туку кон нови проблеми и нови порази – нагласи тој.
Премиерот истакна дека европскиот пат е стратешка определба на државата, но нагласи дека постојат прашања за кои нема да има компромис.
– Нашиот пат е европскиот, но на него не може да се прават компромиси за идентитетот, јазикот и културата – порача Мицкоски.
Тој додаде дека компромисот со овие прашања, според него, би значел рушење на темелите на македонската државност.
– Компромисот за овие прашања значи рушење на македонскиот АСНОМ и Илинден. А добро знаете дека ова е последната брана, дека нашиот збор е најсилната брана. А со зборот нема играње, тогаш си играте со честа – истакна премиерот.
Во говорот Мицкоски се осврна и на внатрешно-политичките поделби, оценувајќи дека 35 години независност се доволна дистанца за државата да ги препознае сопствените слабости.
Тој оцени дека македонското општество живее во услови на длабоки контрасти, кои, како што рече, повеќе се присутни кај политичките елити отколку кај граѓаните.
– Многумина ми рекоа, сепак е ова свечена пригода, не се занимавај со нив. Точно е тоа, но мора да се демонтира нивниот лажен морал, за народот да знае со какви предизвици се соочуваме – рече Мицкоски.
Тој ги обвини политичките противници дека создаваат безнадежност, поделби и сомнеж во државните проекти, посочувајќи ги инвестициите во здравството, инфраструктурата, железницата, општините, платите, пензиите и технолошкиот развој.
– Таквата губитничка политика треба да нè повлече сите надолу. Секој млад човек да почне да се колеба, да нè прикажат дека сме сите исти кога сме толку многу различни – порача премиерот.
Мицкоски нагласи дека резултатите од работата на Владата не се лична сопственост на политичарите, туку остануваат во државата.
– Кога ќе заврши мојот мандат ниту дата центрите, ниту болниците, ниту училиштата по општините, ниту авионот ќе ги земам со себе. Тоа останува на граѓаните, на државата, за народот – рече тој.
На крајот од обраќањето премиерот порача дека, и покрај политичките несогласувања, ќе продолжи да нуди дијалог.
– Ќе продолжиме да градиме мостови, ќе подавам рака за прашања важни за нашата иднина и нема да се откажеме од тоа да понудиме дијалог. Затоа што сечија суета, па и мојата, не значи ништо кога во прашање е Македонија – истакна Мицкоски.
































