Верувајте во нашата татковина. Не затоа што е совршена, туку затоа што е наша и затоа што можеме да ја направиме подобра. Не затоа што немаме проблеми, туку затоа што имаме сила да ги решиме. Не затоа што историјата ни ветила победа, туку затоа што сме подготвени да ја заслужиме – порача премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста под мотото „Силно светнал ден!“, одржана на платото пред Владата по повод 35-годишнината од независноста.
Мицкоски оцени дека одбележувањето на три и пол децении независност мора да биде пресвртна точка и порача дека државата треба да гледа напред – кон изградба на посилна, обединета и достоинствена држава.
– Денес, 35 години подоцна, да не гледаме само назад кон патот што сме го изоделе, туку напред кон држава што допрва треба да ја изградиме – земја во која нашите деца ќе остануваат, ќе создаваат и ќе сонуваат, и во која секој човек ќе знае дека ова е неговиот дом – рече премиерот.
Осврнувајќи се на постигнатото, но и на пропуштените можности во изминатите децении, Мицкоски порача дека националната амбиција во следните 35 години не смее да биде само опстанокот.
– Мора да успееме. Затоа што народот што со векови научил како да преживува, сега мора да научи како да победува во мир, како да произведува знаење, како да гради институции што нема да зависат од волјата на поединецот, како да ги задржи своите најдобри деца дома и како од мала држава да создаде место со големи можности. Тоа е нашата нова историска борба – нагласи Мицкоски.
Премиерот упати и порака за политичко и општествено обединување, посочувајќи дека државата мора да биде заеднички дом за сите граѓани.
– За сите има место и почит под ова небо и знаме. И не постои ваша и наша татковина, ваш и наш премиер, ваша и наша влада, ваша и наша историја. Има само една татковина, еден сон, една борба. Една идеја. Само една и единствена Македонија. И премалку сме да се делиме! – порача Мицкоски.
Тој нагласи дека од оние кои политички не се согласуваат со него нема да бара да го променат своето мислење, туку да покажат единство кога станува збор за државните интереси.
– Нема да барам од оние што не се согласуваат со мене да почнат да мислат како мене. Ќе барам нешто многу поважно – кога станува збор за државата, да најдеме сила да застанеме еден до друг – рече премиерот.
Според него, идејата за држава на сите граѓани треба да биде повеќе од политички концепт и да прерасне во општествен договор.
– Држава на сите луѓе не треба да биде само политички концепт. Треба да биде наш општествен договор. Ветување едни кон други дека никој нема да биде помалку важен затоа што е различен, дека никој нема да биде оставен зад нас и дека државата ќе биде доволно голема за сите нејзини граѓани. Да им оставиме држава во која нема да наследат стари омрази, туку нови можности – порача Мицкоски.
Во своето обраќање тој се осврна и на економските резултати, оценувајќи дека Владата, и покрај тешките услови, покажала дека може да постигнува резултати.
Како што посочи, растот на БДП од 4,3 проценти е меѓу највисоките во Европа, додека инфлацијата, која претходно била двоцифрена, е ставена под контрола.
Мицкоски истакна и дека за првпат по подолг период извозот расте побрзо од увозот, со што се намалува трговскиот дефицит во првите седум месеци од годината, особено во јули.
– Не велам дека сè е идеално и дека се живее одлично. И ја разбирам секоја мака на граѓаните, но тука сме да работиме деноноќно за резултати и нашата иднина – порача премиерот.
Свеченоста започна со церемонија на подигање на државното знаме и интонирање на химната во изведба на Воениот оркестар.
Пред почетокот на свеченоста, премиерот Мицкоски го пречека претседателот на Собранието Африм Гаши. На одбележувањето присуствуваат министри, пратеници, претставници на институциите, дипломатскиот кор и претставници на верските заедници.











































