Екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија е можна само доколку му биде одземен политичкиот азил, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, сè додека Груевски има статус на азилант, евентуално барање за екстрадиција би било одбиено. Тој нагласи дека пред да се испрати такво барање, потребно е да се спроведе постапка за укинување на азилот.
– Ако сега испратиме барање, ќе добиеме негативен одговор. Може да го испратиме кога било, но суштината е прво да се реши статусот на азил – изјави Мицкоски, додавајќи дека не треба да се прават споредби со случајот на поранешни членови на владата на Полска, бидејќи тие немаат добиено азил.
Прашањето за екстрадицијата повторно се актуализира по изјави на Петар Маѓар, кој по изборната победа во Унгарија посочи дека треба да се разгледа екстрадицијата на политичари кои добиле азил, вклучително и Груевски.


































