Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека растот на прометот во индустријата е солиден и дека Македонија е единствена во регионот со вакви резултати.
Тој истакна дека Владата бележи просечен раст на бруто-домашниот производ од 3,5 проценти во последните шест квартали, што, според него, е значително над просекот на Европска Унија, каде растот е под еден процент.
– Во вакви глобални услови, сметам дека резултатите се добри. Секогаш може подобро, но генерално сме на стабилна патека – изјави Мицкоски по посетата на општина Ѓорче Петров.
Премиерот посочи дека индустријата се соочува со два главни предизвици: намалената активност на дел од рудниците и потребата од стабилизација на производството на електрична енергија.
Во однос на рударството, тој нагласи дека Владата ќе се залага за зголемување на активноста и отворање нови рудници, и покрај, како што рече, притисоците од одредени структури кои се противат на тоа.
– Нема да се повлечеме. Ако сакаме економски развој и стабилност, тоа е иднината – потенцира Мицкоски.
Според него, состојбата со производството на електрична енергија веќе се стабилизира, што дополнително придонесува за позитивните економски трендови.
































