Фото: КИЦ Истанбул

Македонскиот културен центар во Истанбул на 20 април (понеделник), со почеток во 18 часот, ќе биде домаќин на промоцијата на книгата „Тажната приказна на миграциите (размена на население)“ од авторката Суреја Ајташ, проследена со панел-дискусија посветена на темата за миграциите и културната меморија.

Настанот се фокусира на историскиот процес на размена на население по Лозанскиот договор од 1923 година, кој доведе до масовни преселби и длабоки промени во животите на македонските и турските заедници во Егејска Македонија.

Фото: КИЦ Истанбул

Посебен акцент ќе биде ставен на миграцијата на населението од Егејска Македонија во Турција и нејзините последици врз идентитетот, јазикот и културното наследство. За книгата и темата ќе говорат: проф. д-р Елка Јачева Улчар, лингвист, која ќе се осврне на јазичните слоеви и зачувувањето на македонските говори меѓу заедниците во Турција и Елена Христова, истражувач, документарист и музичар. која преку својата долгогодишна теренска работа има документирано значаен дел од усното наследство, музичката традиција и културните практики на македонската дијаспора во Турција.

Настанот ќе се одржи во присуство на авторката Суреја Ајташ со потекло од село Жервени, Егејска Македонија, со која публиката ќе има можност за разговор и размена на мислења.

Фото: КИЦ Истанбул

Оваа книжевна вечер има за цел да отвори простор за сеќавање, дијалог и ново читање на преплетената историја, поставувајќи прашања за идентитетот, припадноста и културната континуитетност во современиот свет.