Не сопира промоцијата на македонските национални особености низ светот
Прокламацијата на гувернерката Гречен Витмер и Резолуцијата на сенаторот Мајк Брон се поврзани со активностите на македонската дијаспора, односно со заложбите на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), кои имаат цел афирмирање на македонскиот јазик, историја, култура итн. Официјална Софија, пак, со најава – ќе ја саботира предлог-резолуцијата за македонското наследство во американскиот Сенат
Македонската дијаспора и македонското малцинство во соседните држави изминатиов период покажаа извонредна иницијатива во промоција на македонскиот јазик, култура, историја итн. Во оваа конотација е и известувањето на Гречен Витмер, гувернерката на Мичиген, дека во пресрет на одбележувањето на Денот на македонската независност, овој септември е прогласен за месец на македонско-американското наследство.
Претходно, во јули американскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон, претстави резолуција во Сенатот за прогласување на септември 2023 година за месец на македонско-американското наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци. Овие активности се особено значајни ако се земат предвид постојаните негирања на македонските национални особености од страна на Република Бугарија, како и контроверзните активности на бугарските државни институции и приватни организации.
Гречен Витмер: во САД денес има над половина милион Американци со македонско потекло
Во прокламацијата на Гречен Витмер се вели дека македонските имигранти почнале да доаѓаат во САД од пред повеќе од еден век, а денес има над половина милион Американци со македонско потекло. Според неа, Американците со македонско потекло придонесуваат за американската култура преку бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и многубројни други области.
– Септември има значење за македонските Американци, како што се наближува годишнината од Денот на независноста на Република Македонија, симболизирајќи ги патот на државата кон суверенитет и нејзините трајни врски со македонско-американската заедница – се вели во известувањето на американската гувернерка.
Септември како месец на македонско-американското наследство во сојузната држава Мичиген, каде што живеат околу 125.000 Македонци, за првпат беше прогласен во 2020 година, кога со Резолуцијата 149 им се оддаде признание на Македонците и се повикаа жителите на Мичиген да го прослават Месецот на македонско-американското наследство со многубројни програми и активности, кои го слават придонесот на Македонците од Америка во Мичиген.
Инаку, годинава, во Детроит се планирани активности и програми поврзани со македонската култура, а ќе се одржи и 49-от национален црковен собир во организација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
Резолуција и во Индијана
Дека станува збор за проактивност на македонската дијаспора потврдува и резолуцијата на сенаторот од Индијана, Мајк Брон, во која се бара септември 2023 година да се прогласи за месец на македонско-американското наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на Македонците.
Во спомената резолуција се вели дека Македонците имаат неверојатен придонес за развојот на Соединетите Американски Држави и дека уште кон крајот на 19 век десетици илјади Македонци емигрирале во Соединетите Американски Држави барајќи граѓански слободи, човекови права, верска слобода, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската Империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година.
Во резолуцијата, која треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, а потоа да гласа целиот Сенат, исто така се посочува дека околу 500.000 луѓе со македонско потекло живеат во Соединетите Американски Држави, со значителни заедници во државите Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.
Со оглед на тоа што македонската американска заедница во Соединетите Американски Држави е енергична заедница, која е вградена во мозаикот на Соединетите Американски Држави, учествувајќи во сите сфери на животот, бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, Владата, војската, образованието, уметноста, кулинарскиот свет, атлетиката и многу повеќе, Сенатот треба да го изгласа септември 2023 година за месец на македонско-американското наследство во чест на културните придонеси и достигнувања на македонските Американци и да се препознаат многубројните придонеси на Македонците во Соединетите Американски Држави во различни области.
Бугарија реагира на резолуциите
На оваа резолуција се противи Република Бугарија, а бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата Марија Габриел одговарајќи на прашања во бугарскиот парламент изјави дека МНР на Бугарија ќе направи сѐ тоа да не се случи.
– Презедовме чекори, имаме многу голема активност и од амбасадорот и од генералниот конзул. Тие веќе имаа разговори и со екипа од кај сенаторот што ја поднесе резолуцијата. Започната е процедура и јас ве уверувам дека ќе направиме сѐ што е можно, таа резолуција да нема никаков крај – рекла Габриел.
Таа пред бугарските пратеници кажа дека ќе продолжи да ја брани позицијата. Изјави дека кога Македонија ќе ги исполни условите од јули 2022 година, само тогаш евроинтеграциите нема да бидат сон.
Прокламацијата на гувернерката Гречен Витмер и Резолуцијата на сенаторот Мајк Браун се поврзани со активностите на македонската дијаспора, односно со заложбите на Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Во однос на прокламацијата на гувернерката на Мичиген, Мето Колоски, коосновачот и волонтерски претседател, нагласи дека ОМД активно работи секоја држава и град каде што има Македонци да прогласи месец на македонско наследство. Ваквата иницијатива почна од 2020 година и ќе продолжи во иднина, вели Мето Колоски.
Искреното и посветено пријателство на САД кон Македонија добива уште една потврда, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, споделувајќи ја информацијата на Гласот на Америка на македонски јазик за тоа дека Мичиген го прогласи септември 2023 година за месец на македонската култура во САД.
– Сојузната држава Мичиген во која живеат најголем број Македонци е прва што го започна одбележувањето на септември како месец на македонско-американското наследство, иницијатива којашто со резолуцијата на сенаторот Брон до американскиот Конгрес треба да биде прифатена како сојузна.
Голема гордост и признание е да се слуша за нашите Македонци во Америка, кои се етаблирани и прифатени како заедница којашто е енергична и вградена во американскиот мозаик, заедница што учествува во сите сфери на животот, во културата, бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот сектор, Владата, војската, образованието, новинарството, уметноста, кулинарството, спортот и во други области. До тука, до македонско тло се слуша повикот од Мичиген да се слави Месецот на македонско-американското наследство. Со нетрпение очекуваме да стигнат вести за програмите и активностите со кои цел септември ќе се слават македонската култура и придонесот на Македонците во мозаикот на култури во САД. Следниве денови ќе бидеме горди и на пораките и честитките што американските пријатели ќе ги упатуваат до сите македонски граѓани низ светот во пресрет на одбележувањето на Денот на независноста на Македонија – пишува министерката Костадиновска-Стојчевска по тој повод. Д.Ст.