Фото: Архива

Некои опсервации на прашањето за европското проширување на порталот „Европски Западен Балкан“

Од анализата публикувана на порталот „Европски Западен Балкан“ издвојуваме повеќе интересни моменти на оптимизам за прашањето за проширувањето на ЕУ…

На минатонеделниот Бледски стратегиски форум, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја предложи 2030 година како цел со која и земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати треба да бидат подготвени за проширување. Додека говорот покажа дека оваа политика сега е навистина повисоко на агендата на Унијата, прашањето дали навистина ќе има нови членки на ЕУ во следните седум години сè уште е отворено, бидејќи и Унијата и кандидатите полека се движат кон евентуалната средба, се вели меѓу другото во анализата на порталот „Европски Западен Балкан“.

Официјалните претставници на ЕУ во актуелниов геополитички момент се колебаат да понудат конкретен датум за идното проширување. За потсетување, претходната европска влада, односно Европска комисија (ЕК), всушност објави стратегија што ја посочи токму 2025 година како потенцијална година за прием на нови членки. Но, ништо од тоа. Сега, пак, ЕУ внимаваше да не се пренагласи оваа година премногу стриктно, да се подзаборави, бидејќи тој рок лека-полека беше тивко напуштен…

Според тоа, предлогот на Мишел доаѓа по години нејаснотии за подготвеноста и временската рамка за проширување. Тоа е направено во контекст на војната во Украина, која веќе во раните фази продуцираше предвидувања дека прифаќањето нови членки ќе се врати на агендата поради „геополитички размислувања“. Недолго потоа, Украина и Молдавија станаа официјални земји-кандидати, а потоа и Босна и Херцеговина.

Лоик Трегурс, предавач на Католичкиот институт во Париз, за „Европски Западен Балкан“ потврдува дека проширувањето сега по потреба е повисоко на агендата на ЕУ. Никој не би помислил ниту предвидел дека Украина, Молдавија и, потенцијално, Грузија би станале земји-кандидати во 2021 година, вели тој.
– Должност на Мишел е да лансира политички сигнал, да даде импулс и хоризонт со датум, иако давањето датум подразбира висок ризик од разочарување ако ништо не се постигне. Така што верувам дека вратата е навистина отворена – вели тој.

Воутер Цверс, научен соработник со „Клингендел“ – холандскиот институт за меѓународни односи, се согласува дека проширувањето е високо на агендата на ЕУ, посочувајќи дека тоа ќе биде „насекаде“ во наредните месеци.
– Неформалниот состанок Гимних на министрите за надворешни работи на ЕУ, неформалниот Европски совет на Гранада, Европскиот совет во октомври и Европскиот совет во декември, во комбинација со самитот ЕУ – Западен Балкан што доаѓа, и во сите овие настани проширувањето и институционалните реформи на ЕУ ќе заземат централно место. Ќе се разговара и за краткорочни одлуки, како на пример дали да се отворат пристапните преговори со Украина, Молдавија, но уште повеќе за реформите потребни во процесот на проширување и во самата ЕУ – потсетува Цверс.

Сепак, останува очигледно дека ЕУ сè уште не постигнала консензус за проширување до 2030 година. Во деновите по говорот на Мишел, во јавноста можеа да се слушнат различни реакции.

Од една страна, се чини дека Франција, која само пред неколку години се сметаше за водечки скептик кон проширувањето во ЕУ, почна да ги менува и ставовите и тонот. Лоренс Бун, државен министер за Европа на Франција, која исто така учествуваше на Бледскиот стратегиски форум, во вторникот изјави дека „нема да има безбедност и стабилност во ЕУ и соседните земји без проширување“. Таа дури додаде дека проширувањето на ЕУ може да се случи побрзо од 2030 година, под услов и ЕУ и земјите-кандидати да се реформираат. Други водачи на ЕУ, вклучувајќи ја и Владата домаќин на Словенија, исто така, изразија поддршка за процесот.

Неколку настани што се случија по бледскиот говор, пак, го наметнаа прашањето дали постои јасен договор и координација за ова прашање. Еден ден подоцна, портпаролот на Европската комисија рече дека оваа институција не е фокусирана на датумот, туку на работа со земјите-кандидати за исполнување на неопходните услови. Некои лидери на Западен Балкан, меѓу кои и премиерот на Албанија, Еди Рама, и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изразија сопствен скептицизам дека проширувањето ќе се случи до 2030 година.

Уште еден сериозен проблем во целата ситуација останува подготвеноста на кандидатите да станат членки на ЕУ. Темпото на реформите во најдобар случај беше бавно, при што некои земји дури и назадуваа во неколку области. Трајното решение на најважниот билатерален спор на Западен Балкан, меѓу Косово и Србија, сѐ уште изгледа недостижно.

Лоик Трегурс верува дека, реално, Црна Гора и Македонија можат да имаат надеж дека ќе бидат блиску до целта до 2030 година, доколку се зачува „принципот на регата“ – земјите да станат членки поединечно откако ќе ги исполнат потребните критериуми. Тој, исто така, вели дека позицијата на Франција сериозно еволуирала.
– Позицијата е многу јасна во последните 18 месеци: има нова ситуација, проширувањето на Европа е геополитички приоритет, воздржувањето од овој принцип исчезна меѓу француските власти. Сепак, условите за прием нема да бидат жртвувани – вели Трегурес.

Ваутер Цверс оценува дека Мишел бил мошне храбар во именување на 2030 година како реален датум.
– Тоа сигурно може да биде можно, но треба да се исполнат неколку услови. Од страната на ЕУ, ќе зависи од политичката волја и способноста на лидерите да ги остават настрана разликите и да ги средат внатрешните реформи на ЕУ. Дефинитивно има момент и идеите за моделите како што е фазната интеграција, кои постојат веќе некое време, стануваат сѐ поконкретни и претворени во политики. Ова треба да го направи процесот на пристапување поопиплив и може да ги поттикне кандидатите да ги поттикнат реформите. Но мошне е амбициозно да се мисли дека сите кандидати ќе можат да се приклучат до 2030 година – вели тој.

Холандија, заедно со Франција, исто така е една од земјите-членки на ЕУ, кои се сметаат за поскептични кон проширувањето во последниве години. Цверс вели дека за оваа земја геополитичката неопходност за брзо проширување на ЕУ не е толку важна како заштитата на внатрешното функционирање на ЕУ.
– Очекувам Холандија да биде конструктивна во дискусиите за внатрешните реформи во ЕУ и реформирањето на процесот на проширување, бидејќи овие дискусии даваат можност за подобрување на функционирањето на ЕУ во целина, на пример, нејзините процедури за донесување одлуки. Но Холандија нема да прифати брз пристап на ниту еден кандидат доколку условите за владеење на правото и геополитичката усогласеност, па приклучувањето кон санкциите и надворешнополитичките позиции на ЕУ не се доволно исполнети – заклучува Цверс. П.Р.