Фото: МИА

Превенцијата на насилството кај младите бара координиран, системски и заеднички пристап од сите институции и општествени чинители, порача министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на потпишувањето на декларацијата за намери за превенција на насилството кај младите.

Тој истакна дека насилството кај младите не е проблем на една институција, туку општествен предизвик кој бара заедничка и одлучна реакција.

 – Насилството кај младите не е проблем на една институција, туку предизвик за целото општество и затоа нашиот одговор мора да биде заеднички, координиран и одлучен – нагласи Лимани, додавајќи дека декларацијата претставува обврска за создавање побезбедна средина за младите.

Тој посочи дека младите треба активно да учествуваат во креирањето политики, додека институциите треба да обезбедат системска поддршка во областите на образованието, менталното здравје и дигиталната безбедност.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека клучен приоритет мора да биде превенцијата и зајакнувањето на училишните механизми за справување со врсничкото насилство.

 – Нашата задача е насилството да го сведеме на најниско можно ниво преку јакнење на превенцијата и создавање безбедна училишна средина – рече Јаневска, додавајќи дека се воведени законски обврски за училиштата да планираат заштитни активности, како и зајакнување на стручните служби и повторно воведување на дежурства на наставниците.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека врсничкото насилство бара сериозен и координиран институционален одговор и дека полицијата веќе е поактивно присутна на терен.

Тој посочи дека полицијата е во постојана комуникација со училиштата и работи на зајакнато присуство меѓу учениците со цел навремено реагирање и превенција.

Амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, ја нагласи важноста од партнерство меѓу институциите и меѓународната заедница за превенција на насилството и создавање побезбедна средина за младите.

Тој оцени дека потпишувањето на декларацијата е важен прв чекор, кој мора да биде следен со конкретна и решителна акција.

 – Најважно е младите да бидат слушнати, да имаат глас и да живеат во средина без страв и насилство – истакна Вал, додавајќи дека ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува процесот.

Со формирањето на националната работна група се воспоставува прв системски механизам за координација и дијалог меѓу институциите, образовниот сектор, полицијата и граѓанските организации, со цел поефикасна превенција и следење на мерките против насилството кај младите.