Што се крие под превезот на изјавите „за брзо зачленување во ЕУ“ и зад флоскулата „отворање на прозорецот на можности“Процесот на проширување на ЕУ сега привидно се динамизира, под превезот на изјавите за „брзо зачленување во ЕУ“ и за некаков „прозорец на можности“, иако е јасно дека со вклучувањето на Украина, која е во војна на која не ѝ се наѕира крајот, како и Молдавија, која има отворени територијални прашања, многу е реално дека процесот ќе се одолжи. За нас, наместо прифаќање на бугарските уцени, апсолутно треба само да се инсистира на Копенхашките критериуми!

Но доколку се прифати „француската форма“, треба да бидеме подготвени Бугарија да биде еден вид тутор над македонскиот преговарачки процес со ЕУ и во секој момент да може да го стопира кога ќе почувствува дека излегува надвор од она што таа го испланирала…

Зачестените изјави на бугарските официјални претставници дека Бугарија нема нови услови кон Македонија, освен оние што земјава веќе ги прифатила, без никаква дилема се во насока на претставување на бугарската страна како кооперативна пред очите на меѓународната заедница.
Впрочем, официјална Софија нема никаква причина да наметнува нови услови кон земјава оти сите точки што се содржани во Декларацијата усвоена во бугарското народно собрание во 2019 година целосно се инкорпорирани во протоколите, кои се дел од преговарачката рамка.
Со други зборови, Бугарија ќе биде еден вид тутор над македонскиот преговарачки процес со ЕУ и во секој момент ќе може да го стопира кога ќе почувствува дека излегува надвор од она што таа го испланирала.

Бришење на македонизмот секаде во светот

Неодамна бугарскиот премиер Николај Денков јасно посочи дека Бугарија нема намера да отстапи ниту педа од она што е договорено со „францускиот предлог“, а сега на иста линија се и изјавите на министерката за надворешни работи Марија Габриел.
– Бугарија ќе продолжи многу јасно да ја брани својата позиција, да потсетува дека стоиме зад исполнувањето на сите услови поврзани со компромисот од јули 2022 година, јасно да се спротивставиме на обидите за лажни информации и дезинформации дека Бугарија има нови услови, а во меѓувреме јасно да опстојуваме на нашиот јазик, култура и идентитет – истакна Габриел.

Наративот дека Бугарија ќе продолжи на „опстојува на нивниот јазик, култура и идентитет“ значи само едно, целосна негација на она што значи македонски народ, јазик и култура. Потврда за тоа е бугарската дипломатска мобилизација да се спречи носење каква било резолуција во американскиот сенат со која септември ќе се означи како месец на македонско-американското наследство во САД.
– Има процедура што е започната, јас ве уверувам дека ќе направиме сè што е возможно таа резолуција да нема каков и да било исход – истакна Габриел во обраќањето во бугарското народно собрание.

Сето ова недвосмислено упатува на еден заклучок, дека не само што Бугарија ќе го направи невозможен македонскиот пат кон ЕУ туку се обидува и целосно да елиминира секаква активност на македонската дијаспора во сите делови од светот. Целта е јасна, да се негира какво било македонско наследство и генерално на македонскиот идентитет, јазик и култура воопшто, на секоја педа од светот.

Свртувањето кон себе е најдобриот излез од пат-позицијата во која се најде Македонија

Ако барем малку се проникне во перфидната бугарска игра, тогаш на виделина ќе излезе пеколниот план на Софија преку инсистирањето на стриктно исполнување на обврските во „францускиот предлог“, Македонија во еден момент да се доведе во ситуација на целосно обезличување. Тој процес сега се одвива под превезот на изјавите за брзо зачленување во ЕУ и за некаков прозорец на можности, иако е јасно дека со вклучувањето на Украина, која е во војна на која не ѝ се наѕира крајот, како и Молдавија, која има отворени територијални прашања, проширувањето онака како што досега се случувало нема да се случи во следните 30 и повеќе години.

Имајќи ја предвид таквата констелација на односите, во и надвор од Европа, Македонија повеќе нема каква било причина да исполнува никакви услови, најмалку оние наметнати од Бугарија. Три децении земјава се соочува со нови и нови услови, почнувајќи од промена на државното знаме, прифаќање референца за влез во ОН, промена на уставното име на државата, за сега да дојде во ситуација да мора да биде условена за промена на идентитетот на македонскиот народ, неговиот јазик и историја. Тоа се прашања што не можат и не смеат да бидат услов за ниту една земја бидејќи навлегуваат во најинтимното чувство на еден народ.

Тоа мора јасно и недвосмислено да се каже, дека Македонија повеќе нема намера да исполнува никакви услови бидејќи народот не дава дозвола за такво нешто. Македонските граѓани понесоа огромни жртви досега и сега сакаат фер однос од Европа, да преговараат како сите други земји, во согласност со Копенхашките критериуми, без расправа за идентитетот, историјата, јазикот. Тоа е излезното решение од целата оваа политичка кармакаша во која се најде земјава, токму затоа што некој сметал дека овој народ може да проголта уште некоја уцена од страна.
Очигледно домашниот есап не излегува на пазар, па сега се потребни мудри одлуки што ќе доведат до сплотување на целото општество, наместо избрзани решенија што скапо ќе ги чинат државата, нејзиниот унитарен карактер и воопшто македонскиот народ.

Вистинско време за ресетирање на системот

Во ситуација на неизвесност и нејасна иднина, логично би било да се направи вистинска процена на ситуацијата и да се извлече максимумот од тоа.
– Има различни начини на дејствување во различни моменти од развојот на државата. Некогаш треба да се брза за да се фати возот, некогаш треба да се забави. Ние во минатото пропуштивме многу моменти кога требаше да се брза, сега мислам дека треба да се забави. Имено, постојат големи шанси во ЕУ за некоја година да пробие она крило што смета дека одлуките во Унијата треба да се носат без консензус, односно без можност некој да стави вето, односно без гласовите на една, две или три држави – посочува универзитетската професорка Мирјана Најчевска.

Таа смета дека дури и во овој момент малку да се подзастане и да се отфрлат бугарските условувања, Македонија нема ништо да загуби, туку ќе може да се посвети сама на себе, со сопствени сили и така да продолжи да чекори по вистинскиот европски пат.
– Кај сме чекале досега, мислам дека можеме да почекаме уште две-три години. Но тоа во никој случај не значи дека тоа ќе биде попусто изгубено време, туку напротив. Тие две-три години треба да ги искористиме за внатрешни промени, не да чекаме, туку да работиме на владеењето на правото, на демократијата, на институциите, на процедурите, на борбата со корупцијата и после, по тие-две три години кога ќе дојде до таа промена во ЕУ, многу попријатно ќе можеме да се движиме низ евроинтегративниот процес – истакнува Најчевска.

Според неа, свртувањето кон себе во една ваква ситуација кога земјава се соочува со нерационални условувања од Бугарија, во никој случај нема да ја стави државата во позиција на изолација.
– Нема никаква причина да бидеме изолирани. На Европа воопшто не ѝ одговара Македонија да биде изолирана бидејќи доколку која било земја на Балканот биде изолирана, тоа значи отворање можност за други негативни турбуленции на овие простори. На Европа никако не ѝ одговара изолација на Македонија и јас не верувам дека во која било ситуација, на кој било начин, ние ќе бидеме изолирани. Да, можеби нема да добиеме некоја од погодностите, дел од фондовите, меѓутоа и во моментов, овие фондови од ЕУ што ги добиваме поради високиот степен на корупција ние не ги користиме како што треба. Поради отсуството на владеење на правото доаѓа до ускратување на дел од фондовите, не поради изолација на Македонија и слично, туку едноставно затоа што нашите институции не работат. Значи, ние треба да работиме на институциите, на процедурите, на демократијата, на владеењето на правото, тоа е начинот што ќе оневозможи наша изолација – порачува професорката Најчевска.

Приоритети се владеење на правото, функционални институции, борба со корупцијата, а не Бугарија

На иста линија се и повеќето соговорници со кои разговаравме на истата тема, односно како Македонија да престане да биде само обичен исполнувач на туѓите желби и услови и како да стане подобро место за живеење на македонските граѓани.
– Без оглед што бугарските политичари постојано тврдат дека нема нови услови кон Македонија, во суштина има безброј услови. Сите ги има во протоколите и ако Софија не стави потпис на еден од нив, нема отворање ново поглавје. Мислев дека министерката за надворешни работи на Бугарија, Габриел, која долги години работеше во ЕУ-институциите ќе биде малку полиберална во погледите, сепак, изгледа дека кој и да дојде на власт во Бугарија мора да ја прифати јасно поставената матрица во односот кон Македонија, инаку ќе го снема од политиката сцена. Бугарските намери се јасни, лично не ми се јасни некои овдешни кругови, кои и натаму се убедени дека целиот процес не води кон асимилација. Асимилацијата е стогодишен процес, а не процес од една, две или пет години. Сега ќе го смениме историскиот наратив во учебниците од шесто одделение, утре кај оние од седмо, па од деветто и така секоја година ќе излегуваат нови генерации што ќе учат некои нови „вистини“ онака како што Софија ги гледа. По десет, 15 или 20 години, тие наши деца тогаш нема да знаат ни за Илинденско востание, ниту за Гоце Делчев, ниту за АСНОМ, ниту за историските стремежи на македонскиот народ за своја држава. Кога тоа ќе се случи по неколку децении, ќе биде предоцна – велат соговорниците.

И тие сметаат дека треба да се каже дека е доста од уцени и да се инсистира исклучиво на Копенхашките критериуми.
– Комотно можеме да не ги прифаќаме уцените од „францускиот предлог“ бидејќи не се во согласност со европските критериуми и нема никој да ни забележи за тоа. Можеме сами, а оние што велат дека не можеме бидејќи ни бил потребен европски камшикар, треба малку подобро да размислат кој ќе го држи камшикот во следните 10, 20 или повеќе години додека преговараме. Мислам дека клучно е кај нас да се расчисти најпрво со партизацијата, да се стават сите политички партии под лупа и да не им се дозволи око да отворат кога станува збор за партиски вработувања. Да го исфрлиме и балансерот, па да воведеме исклучиво мерит-систем. Треба да ги ангажираме најдобрите и најспособните луѓе, да им дадеме големи плати и тие да бидат моторот што ќе значи институционално возобновување на целиот систем. Потоа, да се работи на воспоставување вистинско владеење на правото, да се започне со борбата со корупцијата, да се стимулира домашната економија за да останат луѓето во земјава наместо да ја напуштаат, да се изгради ново функционално здравство со врвни доктори, силно образование што ќе продуцира стручни и високооспособени кадри. И на сето тоа, треба максимално, со добри проекти, да се користат парите од ЕУ-фондовите за сите области. Тоа е единствен спас за оваа држава, оти ако не можеме сами да се спасиме, никој отстрана нема да нè спаси – посочуваат соговорниците.

Уште додаваат дека во следните години може да се направи тоа, а ако ЕУ сака вистински да се шири, тогаш Македонија, и без да ги исполнува бугарските уцени, дефинитивно ќе биде посакуван член во европското друштво.