Фото: МИА

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, од одбележувањето на 36-годишнината на партијата во Струмица порача дека стратешка цел на државата останува полноправното членство во Европската Унија, но без отстапки поврзани со македонскиот идентитет, јазик и култура.

 – Местото на граѓаните на Македонија е на масата во Брисел како полноправна членка на Европската Унија, но тоа нема да биде спринт, туку маратон – истакна Мицкоски, повикувајќи на трпение и истрајност во евроинтегративниот процес.

Тој нагласи дека од европските институции очекува јасни гаранции дека во иднина нема да има нови билатерални условувања на патот кон членството во ЕУ и дека македонскиот идентитет, јазик и културно наследство ќе бидат признаени како неспорни факти.

 – Нема цена, нема слава и нема моќ што може да нè убеди да прифатиме нешто што ги загрозува овие вредности. Тоа е нашата црвена линија. Нема пазарење со македонскиот идентитет – порача тој.

Во говорот, Мицкоски упати критики кон поранешната власт, обвинувајќи ја дека со потпишаните договори создала дополнителни пречки на патот кон Европската Унија и презела обврски кои, според него, не ја имале поддршката од граѓаните.

Осврнувајќи се на односите со источниот сосед и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, премиерот порача дека меѓународните правила и обврски мора да важат еднакво за сите држави.

 – Не може само за нас да важат договорите и обврските. Или ќе важат за сите, или нема да важат за никого – рече Мицкоски.

Тој ги повика членството на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните да останат обединети и подготвени за, како што оцени, долга и тешка борба за заштита на националните интереси и остварување на европската перспектива на државата.