Лионел Меси и Килијан Мбапе - Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – СП 2026

  • Двајцата постигнаа по пет гола на претходните два меча на светските првенства, во првото коло на СП 2026 Меси три, а Мбапе два (во финалето на СП 2022 Мбапе три, а Меси два) и постигнаа рекорди

Лионел Меси и Килијан Мбапе продолжија таму каде што застанаа на Светското првенство (СП) во фудбал во 2022 година, откако по петте гола заедно во финалето на тој Мундијал одново постигнаа по пет погодока, овој пат во првото коло на СП 2026.
Меси сега постигна хет-трик (три гола) во победата на Аргентина на дуелот со Алжир, со 3-0, а Мбапе двапати ја затресе мрежата во победата на Франција на натпреварот со Сенегал, со 3-1. Во меѓусебното финале на двете репрезентации на Мундијалот во 2022 година Мбапе постигна хет-трик, а Меси два погодока.

За Меси тоа беше 61. хет-трик во неговата кариера, вкупно 11. во дресот на репрезентацијата на актуелниот светски првак Аргентина и прв на едно светско првенство, а тоа беше и петтиот натпревар во низа на планетарните фудбалски шампионати во кој Меси постигнува барем еден погодок, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).

Со головите двајцата постигнаа и рекорди. Меси се израмни на врвот на листата на стрелците на светските првенства со Мирослав Клосе од Германија, па сега двајцата имаат по 16 гола, по еден повеќе од Роналдо од Бразил. Мбапе, пак, стана најдобар стрелец на репрезентацијата на Франција, со 58 погодока, еден повеќе од Оливие Жиру, а на светските фудбалски шампионати стигна до бројката од 14 гола, колку што има и Герд Милер од Германија.

Капитенот на фудбалската репрезентација на Аргентина израмни уште еден рекорд на Клосе на светските првенства, а тоа е рекордот на Германецот од 17 победи на мундијалите, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Н.М.


Холанд одново е голгетерски расположен на деби

Во мечевите одиграни вчера на фудбалското Светско првенство (СП), Ерлинг Холанд постигна два погодока во победата на Норвешка на натпреварот со Ирак, со 4-1.
Тој постигна хет-трик на неговото деби во Лигата на шампионите за Салцбург, потоа три гола на неговиот прв натпревар во германската Бундеслига за Борусија Дортмунд, два погодока на неговото деби во англиската Премиер-лига за Манчестер сити, а сега и два гола на неговото деби на светско првенство, пишува „Би-би-си“.
Холанд е шестиот фудбалер што постигна два гола во првиот натпревар на ова Светско првенство. Н.М.


НАЈМНОГУ ГОЛОВИ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА

Мирослав Клосе (Германија) 16
Лионел Меси (Аргентина) 16
Роналдо (Бразил) 15
Герд Милер (Германија) 14
Килијан Мбапе (Франција) 14