Во Струмица вечерва беше одбележан 36-тиот роденден на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, а лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски порача дека државата повторно добива енергија, надеж и перспектива за напредок.
Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека предизвиците со кои се соочува земјата се големи и наследени од минатото, но нагласи дека Владата презема сигурни чекори кон подобрување на состојбите.
– Македонија се исправа, чекор по чекор одиме напред и мора да забрза. Тоа е нашата обврска – порача Мицкоски пред присутните.
Тој се осврна на 36-годишната историја на партијата, нагласувајќи дека и покрај бројните политички предизвици, порази и притисоци низ годините, ВМРО-ДПМНЕ секогаш успевала да се издигне посилна благодарение на поддршката од граѓаните.
Според него, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и политичките противници е во пристапот кон власта и одговорноста кон државата.
– Тие мислат дека се родени за да владеат, а ние сметаме дека сме предодредени да работиме и да се жртвуваме за народот и татковината – истакна Мицкоски.
Говорејќи за историските корени на партијата, тој потсети на создавањето на историската ВМРО во 1893 година и нагласи дека современата ВМРО-ДПМНЕ, основана во 1990 година, го продолжува тој идеолошки и политички континуитет.
Мицкоски се осврна и на периодот по 2017 година, оценувајќи дека партијата тогаш била изложена на силни политички притисоци, но успеала да опстане и да ја задржи поддршката од членството и симпатизерите.
На крајот од обраќањето, тој порача дека ВМРО не е само политичка партија, туку идеја која опстојува низ генерациите и останува тесно поврзана со македонската државност и национален идентитет.



































