Меѓународниот средношколски економски форум „Инвестираме во човечки капитал: Учениците се нашата најголема валута“ се одржа денес во Прилеп, во организација на СЕУ „Кузман Јосифоски – Питу“ со поддршка на Општина Прилеп, каде се дискутираше за економијата, пазарите и глобалните трендови.
Според Христина Бозоска-Николоска, денес училиштето било центар на младата економска мисла во регионот и во Европа.
– Ова е прв меѓународен средношколски економски форум, каде ја креираме визијата како треба да изгледа современото образование. Како економски училишта, наша задача е не само да предаваме сува теорија, да учиме дебитори и креидотри или да анализираме пазари од минатото. Нашата мисија е да продуцираме подготвен, флексибилен и конкурентен човечки капитал. Но, како ја зголемуваме вредноста на таа наша „валута“? Тоа го правиме преку балансиран развој на клучните столбови на вештините – hard skills, односно управување со симулирани компании, дигитални вештини, за развивање дигитална писменост кај учениците, и меки вештини – развивање критичко размислување, интелигенција и способност за тимска работа, преку интерактивни работилници – рече Бозоска-Николоска.
Претставниците од неколку српски средни економски училишта нагласија дека е многу важна соработката на сродните економски училишта, практичната обука и следењето на новите пазарни текови.
– Трет пат доаѓам во Прилеп и во Македонија. Преку Еразмус плус програмите, нашите ученици беа тука и имаа пракса. Заедно ги учиме на практични вештини. Ние имаме насоки за кувари и келнери, профили кои се барани на пазарот. Човечкиот капитал треба да се негува, да се едуцира. Младите треба да учат како се работи во другите земји – рече Јасмина Бориќ од Сомбор.
Меѓународниот средношколски економски форум се одржа под покровителство на Општина Прилеп, а градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека е важна поддршката на ваквите проекти за подобра едукација и образование на младите.
Воедно, во СЕУ „Кузман Јосифоски – Питу“ се одржа и отворен ден, на кој деветтооделенците од прилепските основни училишта се запознаа со профилите и насоките на кои можат да се образуваат. Ка.М.



































